„Донирај компјутер“ донира 20 лаптопи и 10 монитори на Гимназијата „Добри Даскалов“

Иницијативата „Донирај компјутер“, предводена од Борче Стаменов, денеска повторно ја покажа својата посветеност и поддршка со донација на 20 лаптоп компјутери и 10 монитори за Гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци. Овој значаен придонес има за цел да го поддржи дигитализирањето на наставата и да им овозможи на учениците полесен пристап до современи образовни алатки.

Директорот на гимназијата, м-р Зоран Милевски, изрази огромна благодарност за оваа донација, нагласувајќи дека ваквата поддршка значително ги подобрува условите за учење и ги отвора вратите за нови можности. Во знак на признание му врачи благодарница на Борче Стаменов. Исто така, им се заблагодари на нашите ученици Гордана Клинчарова и Ѓорѓи Костадинов од III-4 клас за огромното залагање и поддршка во одржувањето на компјутерите во училиштето, кои воедно се и волонтери во иницијативата „Донирај компјутер“.

„Донирај компјутер“ веќе долго време е препознаена како иницијатива која помага на различни општествени сектори преку обезбедување технолошки ресурси. Со својата мисија за намалување на дигиталниот јаз, иницијативата придонесува кон подготовката за современиот дигитален свет.

Со оваа донација, Гимназијата „Добри Даскалов“ дополнително ги зајакнува своите капацитети за реализација на дигитална настава, поттикнувајќи ги учениците кон иновативно размислување и современ пристап кон учењето.