Екскурзијата е најдобар начин за меѓусебно запознавање на учениците и создавање на нови другарства, можност за подобро запознавање на учениците и наставниците а поттикнува и позитивни емоционални доживувања.
Со цел да се прошират знаењата,да се создаде и пооттикне љубов кон татковината, да се развие еколошката свест и слично, на 1 и 2 јуни 2025 година беше изведена дводневна екскурзија со учениците од прва и втора година, на релација: Кавадарци-манастир Јован Бигорски-Вевчански извори-Охрид-Св.Наум.
Учениците и нивните класни раководители, предводени од Туристичката агенција „Црво-Експрес” Штип, ја започнаа екскурзијата со посета на Манастир Свети Јован Бигорски еден од најзначајните верски и културни објекти во нашата држава , духовно средиште со длабоки корени во македонската историја, каде учениците уживаа во мирот, тишината и прекрасната иконостасна уметност. Се наоѓа на северозапад покрај магистралниот пат Дебар – Гостивар, и лежи на падините на планината Бистра, покрај брегот на реката Радика.
Нашето патување продолжи кон Вевчанските извори, а учениците попатно можеа да уживаат во природните убавини на овој крај ,на бистрата река Радика, на Дебарското Езеро,на варовничката планина Бистра.
Наша следна дестинација беше градот Охрид ,”бисерот Балкански”,”македонскиот Ерусалим”, Никој не би останал рамнодушен, чекорејќи по плочниците по кои е испишана неколку милениумската историја, или пак уживајќи во галењето на светликавиот одблесок на сонцето од водите на Охридското Езеро.
Се сместивме во хотел Десарет и уживавме во заоѓањето на сонцето и прегратките на Галичица и Охридско Езеро.
Наредниот ден,после појадокот, учениците се упатија кон манастирот „Св. Наум“, каде го разгледаа манастирскиот комплекс, и уживаа во прекрасната дружба и недопрената убавина.
Во текот на патувањето попатно, со многу детали, интересни факти и занимливости за сите делови што ги посетивме , професионално не информираше туристичкиот водич од агенцијата.
По убаво поминатото време, исполнето со учење, духовно збогатување и многу нови впечатоци, учениците се упатија кон родниот град,носејќи со себе незаборавни искуства и скапоцени спомени од оваа екскурзија.












