Љубителите на театарската уметност во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ имаа можност да уживаат во класиката на руската книжевност, безвременското дело на Александар Сергеевич Пушкин, дело кое проговори за вечната потрага по љубовта и вечниот круг на страдањето на Онегин, Татјана, Олга, Ленски… Текот на дејството од деветнаесетиот век во Петроград,на село и во Москва,преку паралелен развој на неколку сижејни линии и испреплетеност на мотиви ја донесе темата на младешката и идеализирана љубов на Татјана Ларина кон Евгениј Онегин.
Гимназијалците ја освоија сцената со своите театарски способности,моќта на говорот и силата на емоциите. Во улогата на Евгениј Онегин, претставникот на градската благородничка средина и заводник со сто лица, го видовме маестралниот Александар Стојков.Крај него блесна Марија Вчкова во ликот на Татјана Ларина,нежната девојка која премногу веруваше во човечноста и искреноста на луѓето. Ја освоија театарската публика со сцените на љубовните изјави, копнежот,разочарувањето,болката од невозвратената љубов и плачот од кој срцетоне може да побегне.Никој не остана рамнодушен на двете писма кои со векови наназад ги чита светската јавност.Уште долго ќе се зборува за емотивната изведба, а присутните ќе ги паметат нивните сцени и дијалози,но најмногу чистата емоција која ни ја подарија.
Во улогата на поетот, романтичарскиот занесеник Владимир Ленски, го видовме Ристе Стојанов.Беспрекорно точна игра прикажувајќи ја наивноста,емотивноста,едноставноста и вљубеноста на младиот поет кој честа на својата свршеница Олга ја стави пред својот живот. Ликот на младата Олга Ларина на сцената го донесе Ивана Секуловска, која ја плени публиката со својата харизма,танцувачки способности и плачот по својот Ленски на кој долго ќе се сеќаваме. Мајката на Ларини беше Марија Шалевска, а дадилката Цветанка Ристовска. Внесоа ведрина,позитивност и талент прикажувајќи ги семејните односи и вредностите на рускиот дом. Во улогата на сопругот на Татјана Ларина блесна Јован Илов, кој внесе една нота на грациозност од високото руско општество,но и емотивност и човечност кон својата сопруга.
Нараторките: Елена Илова, Мартина Илиевска, Надица Ангеловска, Лилјана Лазова и Дијана Мишова од современ апект не внесоа во приказната, го водеа својот јунак Евгениј и ги поврзаа минатото и сегашноста.Секој на свој начин го пополни мозаикот наречен „Евгениј Онегин“под менторство на професорите Васка Петкова и Драган Вељковиќ, со помош во режија на Микица Илова.
Театарската претстава можете да ја погледнете на следниов линк:
https://www.youtube.com/watch?v=X1WEehq8uYQ