I награда на тема распишана во рамките на проектот „Еднаквоста е наша инспирација“ на невладините организации СЕГА
Дискриминацијата – црна точка на бел лист
Сите се раѓаме еднакви на овој свет. Секој со својата среќа и секој со својот нагон за повраќање. Суштества, скроени со лик и карактеристики на човек. Овде на оваа пространа ледина со измислени ликови и однапред напишани реплики… Овде, никој никогаш нема да биде прегрнат без да биде задушен. Еднолично сиви ми се деновите додека грчевито го напрегам умот да измислам пократок збор од дискриминација, лажејќи се дека не постои. Далеку сме од реалноста кога слушаме по медиумите дека во денешно време многу малку е застапена дискриминацијата. Но, сведоци сме дека постои. И ќе постои!
Да започнам со она што се случува на улицата. Мали деца коишто под притисок на другите веќе прават поделба помеѓу врсниците коишто не се од иста вероисповед. Дете како дете, можеби не ја сфаќа постапката што ја прави, но овде не се виновни малите, туку нивните родители коишто им го всадиле тоа. „Немојте да играте со нив! Тие не се како вас. Зарем не гледате како се облечени и никогаш не се средени!“ И многу други изговори што родителите ги употребуват. И тука настанува таа поделба. Расната дискриминација се јавува и во училиштата, во големите државни институции и сл. Претставува и пречка во вработувањето. Сега ќе ја свртам страницата и брзо со пенкалото ќе оставам црни траги на белиот лист. Барате работа? Можеби сте високо образовани со стекнато искуство и награди, но денес ќе се спрепнете од оние што се на некого. Искачени на скала, само што не стигнале до врвот. Но како и да е , оној функционер што им ја држи скалата, наречен татко или вујко ја започнал втората доба од животот, па нивната скала полека почнала да се клати. Овие луѓе немаат слушнато за скромност, прават секаква дискриминација, а сè уште можат да се заборчат кај Јоле затоа што Џевад и Ружди им веруваат. Не сме исти, ниту пак слични. Едните ќе се влечкаат, а другите ќе се вообразуваат. Во друга ситуација пак се ежам кога слушам за дискриминација на жената. Видот на оваа дискриминација зависи од традицијата на самото општество како и од културата и развиеноста. Денес, жените имаат право на глас, но исклученоста од политиката сè уште се забележува. Како најекстремна појава на дискриминацијата е насилството врз жената што е почесто застапено во послабо развиените земји, како што е случај и во Македонија. Веруваме или насетуваме дека овде, тука некаде нè чека подобар свет, без црна дамка во мозаикот на животот. Дискриминацијата нè води на трка со пречки во која ако не си маратонец сигурно би паднал.
Врескаме и вперуваме прст како недоиспилени јајца, хистерични, а празни. Светот нема да го промениме со накострешени волчји заби, со полни усти празни зборови и со набилдани ега. Светот ќе се промени тогаш кога ќе се променеме самите себе. Ни фали малку од млекото на духовноста за да му погледнеме на животот во очи.
Дијана Николовска
IV-2 клас
II награда на тема распишана во рамките на проектот „Еднаквоста е наша инспирација“ на невладините организации СЕГА
Дискриминацијата – црна точка на бел лист
Создадени сме како посебен вид на живи суштества на планетата. Ја имаме честа да бидеме посебни жители на светот. Да, тоа сме ние луѓето, а умот е оној кој нѐ издвојува од останатиот жив свет. Нашата свест е водилка низ животот и ментор кој постојано треба да ни ги усмерува постапките и трагите кои ги оставаме во текот на нашето постоење. Но, во суштина светот е во погрешен правец. Цивилизацијата нѐ врати назад кон пропаст, а прашањето е како да запреме за да го спасиме човекот во нас.
Размислувајќи како да го осмислам овој есеј за дискриминацијата, се исплашив од вистината за тоа колку всушност има теми кои можат да бидат опфатени. Ако се земе општо да се разгледува зборот „дискриминација“, пишувањето на овој есеј би било далеку поопсежно. Ќе ги опфати бесконечните проблеми од општественото живеење во кое спаѓаат расните, верските, сталежните, половите дискриминации, а сè почести се и дискриминациите врз животните. Зборот поттик и инспирација ме потсетуваат на нешто убаво, а бидејќи овде нема ништо убаво да се спомене и запише ќе се послужам со зборот „револт“. Ќе пишувам за преселувањето на еден народ и нивната тешка голгота низ патиштата до нивниот „сон“ Европа. Но дали е тоа нивниот вистински сон? Кој сонува да го напушти својот дом и татковина, своите браќа и сестри, својот вистински живот? Сиријците се само луѓе исто како и ние, но некој им го одзеде правото на достоинствен живот. Нивната голгота ќе остави трага на светската историја и срам на современото живеење. Црна, но не точка, туку дамка на бел лист. Дамка која не се брише ниту од листот, ниту од спомените. Која е нивната вина? Дали што се Сиријци, муслимани или пак христијани, бели се или црни? Која им е вината што ги осудија на прогонство и пропаст? Им ги скратија крилјата на милиони деца, нивните насмевки ги претворија во плач и им го одзедоа детството! Кои сте вие што им го сторивте ова? Зарем имате право над нечиј живот? Дали сте терористи, војници или „моќни“ политичари? Кои и да сте веќе е доста! Доволни беа сите таги, војни, измачувања и преселувања. Животот и слободата на тие луѓе се само нивна сопственост. Сите имаат право да се будат во топла постела, а не во шатори. Сите имаат право да ги учат и пишуваат домашните задачи, да трчаат во училишните дворови. Застанете, дискриминиравте цел еден народ!
Пишувајте и споделувајте го овој револт кон дискриминацијата моја генерацијо. Ние сме силата на разумот, ние сме моќ. Да запре овој безмислен хаос во светот и дисриминацијата кон овој народ. Денес се тие, но не се знае кој може да биде следен. Затоа стоп, за ова лудило. Нам нè ни припаѓа планетата, ниту пак човештвото. Ние сме единствено гости. Да прдоинесеме за подобро утре и подобра иднина за идните генерации, без насилство и дискриминации, туку сплотени во различноста.
Милена Трикиќ
II-1 клас
III награда на тема распишана во рамките на проектот „Еднаквоста е наша инспирација“ на невладините организации СЕГА
Дискриминацијата – црна точка на бел лист
Она што на целиот свет му е потребно е единство. Во сите области од животот човекот ги бара тие пори кои покрај светлината, носат и бесценета среќа. Оној што ќе ја пронајде таа блескост истовремено станува човек.
Вистината не е секогаш во нашите мисли. Таа понекогаш почива и во душата на обичниот човек. Тоа е оној човек кој додека ние мирно уживаме опиени од својот спокој, скудно го прекрива лицето и го грчи телото. Кога го носиме челичниот оклоп наречен срце, горди на себе, не внимавајќи дали другиот се топи, не добиваме ништо друго освен лажна гордост и трула радост. Сето тоа не води кон еден правец, дискриминацијата. Постојат повеќе видови дискриминација и тоа по пол, раса, образование итн.
Значајно застапена е дискриминацијата по раса, изразена преку понижување на припадниците од друга раса. Посебно е присутна дискриминацијата што од генерации на генерации ја вршат белците врз црнците. Бела или црна, и едната и другата е кожа. Но некој се чувствува пријатно кога го исмева и омаловажува послабиот. А зошто да биде така? Нели сите се бориме за слободен и убав живот, за мир и среќа, за успех? Зошто да не погледнеме во квалитетот, во душата, зошто гледаме во кожатата, а не во човекот? Веројатно има нешто што или не можеме, или пак не сакаме да го надминеме.Од праисторијата на нашиот народ се има доживеано промена, но предрасудите сè уште длабоко не рануваат без да бидеме свесни. Тоа што сме ние со светла кожа не значи дека треба да имаме темно срце недопирливо за секој којшто бара тронка надеж. Обични работници, глумци, пејачи, политичари, сите се мета за напад, со цел да биде задоволено човечкото болно его. Сакале да признаеме или не, и ние често сме дел од тие осудувачи кои зад грб бодиме нож кој можел да биде и топла прегратка и мил збор.
Маж или жена, образован или неук, богат или сиромашен, не е важно, секој од нив е живо битие желно за внимание. Но, најпрво секој има потреба од почит. Било да е со збор, пари или предмети, сè претставува подадена рака. Таа топла и толку потребна рака за помош најчесто е недостапна и незаинтересирана да брише туѓи солзи. Нам слободата како и да не ни треба, додека живееме во прангите на самољубието. Зошто да го лажираме моралот? Разликите меѓу луѓето се само искушение кое треба да се надмине, а не да се падне во неговата јамка.
За да стекнеме сè што ни е потребно, најнеопходна ни е душата која би била доволно силна да ги победи и разликите.
Сузана Николова
III-7 клас