Национален натпревар „Европски квиз на пари”

Националниот натпревар „Европски квиз на пари” се одржа на 16 март 2026 година, за време на Глобалната недела на парите (од 16 до 22 март), онлајн, преку апликацијата Kahoot, под мотото: „Паметните пари зборуваат”. На истиот, учество земаа 1.250 ученици, односно 625 тима од основните и средните училишта во Република Северна Македонија.

СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци зема учество со 15 тима или вкупно 30 ученици, со 4 наставници-ментори: Лоска Давчева, Благородна Лазова, Јасминка Ризова и Соња Попова.

Тимот составен од учениците: Ангел Спасевски и Илија Танчев од I-7 клас, под менторство на проф. Јасминка Ризова, оствари највисок пласман меѓу тимовите од училиштето (24 ранг од 625 тима). Координатори на натпреварот „Европски квиз на пари” при Гимназијата се Лоска Давчева, професор по економски предмети и Благородна Лазова, професор по информатика.

Финансиската писменост е неопходна за секој поединец, за истиот да си го олесни животот и побрзо да напредува на секое поле. Во таа насока, осма година по ред, Македонската Банкарска Асоцијација  во соработка со Народна банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност, го организира Националниот натпревар „Европски квиз на пари”, на кој право на учество имаат ученици на возраст од 13 години до 15 години.

Темата на овогодинешната Глобална недела на парите, „Паметните пари зборуваат”, се фокусираше на охрабрување на младите луѓе отворено да дискутираат за управување со парите, да изградат финансиска самодоверба и да развијат здрави финансиски навики, со акцент на: штедење, инвестирање и спречување измами, за да им помогне на младите да донесуваат информирани одлуки.

Текстот го напиша,

Лоска Давчева, професор по економски предмети