Рецитал „Корени“ во пресрет на празникот Св. Трифун

Во пресрет на празникот Св. Трифун, во Винскиот музеј се одржа културен настан на кој учениците од драмската секција при СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ го изведоа рециталот „Корени“.

Настанот беше исполнет со уметничка изразност, симболика и почит кон традицијата, достоинствено одбележувајќи го празникот посветен на лозарството и винарството. Преку внимателно избрани стихови, учениците испратија силна порака за значењето на корените, идентитетот и културното наследство.

Рециталот потсети дека секој народ ја гради својата иднина врз темелите на своите предци, а традицијата претставува жив мост меѓу минатото и сегашноста. Особено силен впечаток оставија стиховите:

„Мене оваа каменеста родница ме родила
И овие лозници што се веднеат,
Во коренот моето име го чуваат.“

Со вакви настани се поттикнува негувањето на културните вредности и се афирмира значењето на традицијата како трајна инспирација за идните генерации.