Само храбриот човек знае да прости

Прошката не е лесно ниту да се побара, ниту да се даде. Доколку на некој човек му е згрешено, и тој не прости, тогаш тој човек има скаменето срце и големо его. Кукавичлукот на таквиот човек е ненадминлив. Ќе зборува како му било згрешено и колку многу бил повреден. Простувањето е плод од широкоградоста, добрината, доблеста и најважно – храброста. Но, сепак не е толку лесно сè да се заборави и да се продолжи понатаму, токму затоа луѓето коишто искрено простуваат се ретки.

За простувањето се зборува многу одамна и тоа е насекаде во Светот ценето. Во човековите филозофии, односно религии се цени и одобрува простувањето. Во Христијанството, Библијата вели дека доколку некому не простиме искрено и безусловно, тогаш демонстрираме горчина и бес, кои не се одлики на еден Христијанин. Простувањето како важна одлика на човештината се споменува и во молитвата „Оче наш“ и тоа во стиховите: „лебот наш насушен дај ни го денес и прости ни ги долговите наши како што ние им ги простуваме на нашите должници. Амин.“ Освен во Христијанството простувањето се спомнува и во другите религии како на пример во Исламот. Во сурата шеснаесет „Ен Нахл“ („Пчели“) се вели: „Оној кој направил зло во незнаење и подоцна се покајал, твојот Господар подоцна сигурно ќе му прости и ќе биде семилосен.“ Во секое човеково сфаќање и размислување како почестит и похрабар се смета оној кој простил. Независно колку добрини направил човекот низ Светот, доколку никогаш не простил тој ќе биде сметан за кукавица. Простувањето секогаш мора да биде искрено и од сè срце. Човекот мора да прости заради самиот себе, бидејќи ќе има чиста совест. Кога некој простува, тогаш тој е доблесен, ги прифаќа работите какви што се и никогаш не се обидува да ги смени луѓето.

И покрај нашето скршено срце, ние мораме да му простиме на оној кој некогаш во животот ни згрешил. Напразно ќе се обидуваме да ги смениме луѓето да не грешат, подобро да простиме илјада пати отколку да се обидуваме да смениме некого. Храброст е да ги преминеш бариерите додека да стигнеш до простувањето и многу е тешко да ја донесеш таа одлука. Простувањето е храброст да станеш и да заборавиш на секоја болка што си ја добил додека си паѓал.

Ружди Ќесаси II5