Во периодот од 22-ри до 24-ти април 2016 година, во хотел Молика во Битола, се одржа 13-тата Интернационална Конференција за Информатика и Информатичка Технологија (CiiT 2016), организирана од страна на Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.
Во рамките на оваа научна конференција беа презентирани научни трудови на следните теми: Вештачка интелегенција, Роботика, Биоинформатика, Компјутерски мрежи и др., од повеќе земји од регионот, Европа и светот. Во текот на овие три дена се одржаа 6 сесии со времетраење од 90 минути.
Во склоп на оваа научна конференција се одржа и работилница координирана од Ученичкиот Институт по Математика и Информатика кој е резултат на проектната соработка меѓу Македонската Академија на Науките и Уметностите и Бугарската Академија на Науките, а поддржана од Здружението на Информатичари на Македонија и Сојузот на Математичари на Македонија. На оваа работилница учество зеде и ученикот Александар Тренчев, ученик во IV клас во гимназија „Добри Даскалов-Кавадарци“, со научен труд под наслов „Програма за операции со комплексни броеви во тригонометриска форма“, под менторство на проф. по информатика м-р Зоран Милевски, и за истиот се здоби со сертификат за успешно учество.
Ова не е прво учество на професори и ученици од нашата гимназијата на оваа конференција. На 10-тата CiiT конференција во 2013 година директорката на гимназијата Невенка Поп-Ангелова и проф. по информатика Зоран Милевски презентираа труд со наслов „Ефективност во користење на е-учење Moodle во образовниот процес“, во кој го истакнаа процесот на воведување на електронското учење Moodle во гимназијата „Добри Даскалов“.
Нашето училиште и во иднина продолжува да ги следи новините и конференциите кои што се одржуваат и секако ќе продолжи да охрабрува и останати ученици да земаат учество на овие настани.