Матурска парада 2010
Објавено на: 25.05.2010
Ако постои некој период од човековиот живот, на кој тој никогаш не останува рамнодушен во своите спомени, тоа е сигурно младоста. Но, она што ја прави толку посебна се токму средношколските денови кои траат пократко од секундите, а остануваат врежани во срцата подолго и од вековите.
Во чест на одбележувањето на крајот на едно четиригодишно дружење, матурантите од нашата Гимназија оваа година за првпат се вклучија во проектот ,,Матурска парада 2010” кој веќе подолго време се реализира во поголем број земји во Европа, а од пред неколку години и во нашата Држава.
Организатори на настанот беа Советот на локалната самоуправа и Градоначалникот на општина Кавадарци, а негов официјален покровител – Кожувчанка.
И покрај лошите временски услови, учениците од IV година, придружувајќи им се на сите останати европски средношколци, на 21 мај во 12 часот тргнаа од Гимназијата, минувајќи низ центарот на градот до улицата Илинденска, каде одиграа на познатите мелодии на Штраус сплотени во традиционалниот матурски танц ,,Квадрил”.
Нашите матуранти, по едномесечните подготовки, достојно го претставија Училиштето и покажаа дека младоста и понатаму останува пријателка на љубовта, среќата и позитивната енергија, а најголем противник на насилството и пороците.