20161213 095049

Образовна манифестација „Образовно рандеву 2016”

Во СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци, од 1 февруари 2006 година официјално почна дa функционира младинската организација „Млади лидери“, чиј ментор е Лоска Давчева, професор по економски предмети. Целта на младинските организации, формирани во средните стручни училишта, под покровителство на СЕА, УСАИД и Министерството за образование и наука, е јакнење на лидерските способности на учениците, развивање на нивните организациски и комуникациски вештини. Според тоа, и младинската организација при Гимназијата работи на развивање и остварување на оваа цел.

Оваа година е јубилејна година за ЛМО „Млади лидери“: 10 години од постоењето на оваа организација, чија цел е јакнење на капацитетите на учениците од економско-правна и трговската струка, со профилите економски техничар и правен техничар, нивно подготовување за лидерство, нивен личен напредок и поголем успех во кариерата.

Младинската организација „Млади лидери“ го промовира училиштето, како во регионот, така и на државно ниво. Таква промоција беше направена и преку учество на образовната манифестацијата „Образовно рандеву 2016”, што се одржа во СЕТУГС „Михајло Пупин” – Скопје во периодот од 22 април 2016 година до 23 април 2016 година. Инаку, секоја година нашето училиште активно зема учество во оваа манифестација и освојува награди во одделни категории.

„Образовно рандеву” е образовна манифестација со натпреварувачки карактер, организирана од МАССУМ (Младинска асоцијација на средни стручни училипта), Министерството за образование и наука, и USAID, наменета за учениците од средните стручни училишта во Република Македонија. СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци, преку економско-правна и трговската струка, учествуваше на „Образовно рандеву 2016” со вкупно 55 ученици и 10 наставници-ментори: Давчева Лоска, Иванова Душанка, Станоевска Љубица, Прокопов Костадин, Петкова Васка, Лазова Благородна, Велков Блаже, Клинчаров Блашко, Ризова Јасминка и Коцева Богде, во следните категории: интервју за работа, јавно говорење, маркетинг план, најдобра WEB страна на училиште, модна ревија, најдобра драмска претстава, најдобра поетска творба, пинг-понг, баскет, најдобра видео реклама, најдобра фотографија и најдобар филм.

Учениците се закитија со награди и тоа: во категоријата „Најдобар пинг-понгар”, ученичката Јованова Марија, чиј ментор беше професорот по спорт и спортски активности, Велков Блаже, освои прво место.

Во категоријата „Најдобра WEB страна на училиште”, учениците Петровски Душко, Милков Петар, Маринковиќ Александар и Јосифовски Иван, под менторство на професорката по информатика, Лазова Благородна, освоија трето место за најдобра WEB страна на училиште.

20161213 095049

20161213 094614

Во контекст на напишаното погоре, да се потсетиме на мисијата, визијата и слоганот на ЛМО „Млади лидери” при СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци:

Мисија: „Млади лидери“ е динамична младинска организација која ќе го подобри животот на младите, преку подготовки за лидерство, нивен личен напредок и поголем успех во кариерата.

Слоган: „Мисли, твори, креирај – води !“

Визија: За да бидеш лидер треба секогаш критички да размислуваш и тоа треба да те води кон творење, создавање на нешто што можеш да го правиш, да умееш да ги изразуваш со твое творење и индивидуалните способности и афинитети, и сето тоа е основа да ги видиш и другите личности во иднината и да допринесеш да ја промениш положбата во која се наоѓаш, а со тоа ќе допринесеш за подобрување на животот на младите. Сето тоа води  кон успех во кариерата на секој поединец.

„Знаењето е светлост која го осветлува нашиот пат низ животот и нè води во светот на иднината, исполнет со вечна слава.” (Олимпијада Пупин, мајка на Михајло Пупин)

Прилогот го подготви,

Лоска Давчева, професор по економски предмети