I место
Нежноста и убавината на жената
Првата личност која воопшто ја запознав беше жена. Првиот поглед, првата топлина и првиот нежен и треперлив здив го почувствував од неа. Живот за мене, чедо и бескрајна среќа и радост за неа. Се добивме еден со друг, се држевме како едно. Но се одвоивме, а сепак останавме заедно. И што би правел јас без неа, но и таа без мене. Зар јас би патувал по патеката на животот, ако ми е непознат стартот?
Под поимот жена, најпрво помислувам на мајка, бидејќи само таа може да ја носи круната и да биде кралицата за мене. Голема карпа која ме штити од силни бури, вода која ми ги лекува изгорените рани од маскираните „ангели“. Таа е како нежна, бела ружа, која знае да прерасне во остар и боцкав кактус и да се бори до смрт, само заради мене. Луѓето често очекуваат возврат за нешто што помогнале, а мајката животот би го дала, ниту за возврат ништо не бара. Се восхитувам на храброста, издржливоста, на нејзината доживотна жртва. Нејзините изморени и остарени раце, ми се извор за сила. Повишениот тон и остриот поглед, се правецот на движење во сообраќајниот метеж во кој сум се заплеткал. А знаете што е најтешко? Мајчината солза. Никогаш, ама никогаш не сакам да видам солза на нејзиното лице, бидејќи ружата не заслужува да се суши. Заедно го чувствуваме и трпиме студот. Но, знам дека таа навистина ме топли, додека јас само се трудам да ја стоплам. А топлината во моето срце која ја споделувам со саканите е дело на мојата мајка.
Мајка ми е најубавата и најнежната жена, мојот најдобар учител и единствениот херој во мојот живот. Никој, ама никој не дава толку чиста љубов и грижа како неа. Не верувам дека некоја друга жена ќе го освои кралството на мојата мајка. Таа засекогаш ќе остане единствената кралица на мојот живот и никоја принцеза не ќе може да ја достигне оваа висока титула.
Ѓорѓи Стојанов II -2
II место
Убавината и нежноста на жената
Жена – толку моќен збор, именка во која ги гледам ликовите на мојата мајка, баба, тетка. Збор од кој човештвото опстанува и постои. Не знам зошто, но пишувајќи за тоа скапоцено нешто, во мене навираат чувства на емпатија. Неконтролирани солзи и плач од радост и возбуда. Пишувам и се борам со наплив од емоции, затоа што не е лесно во неколку редови да се опише нежноста и убавината на жената.
Вечно прашање е што всушност претставува убавината. Гледајќи го ликот на жената сфаќам дека е совршено уметничко дело на природата и убост за очи. Но, длабочината и суштинското значење на убавината е нешто друго. Длабоко во неа, во нејзината душа, говорот на нејзиното тело и вечната потрага за љубов. Тоа е вистинската убавина на жената. Го чувствувам и замислувам тој допир на нејзината кожа. Се втурнувам во тие прегратки и знам дека сум жива, присутна и целосна. Тие допири се паметат и го одбележуваат моето детство, младост и сегашност. Трепеливото срце на мајка ми, топлите дебели раце на баба ми и веселите палави насмевки на моите тетки, ја претставуваат нежноста на жената. Потонувам во убавина гледајќи ги нив, чувството не може да се опише. За момент се замислувам и ја барам жената во мене. Го чувствувам тој инстинкт да бидам сакана и почитувана. Ја гледам мајка ми во мене. Борбена и кревка, понекогаш сурова и нежна, но истворемено пожртвувана и немоќна. Се радувам бидејќи и јас ја имам честа да бидам жена и да бидам дел од најскапоценото нешто во животот.
Убавата и нежна жена е прекрасна творба на природата. Предодредена за репродукција и зачувување на човештвото. Симбол на храброст и љубов, синоним за столб на семејството. Секоја жена треба да биде свесна за сопствената грациозност и значење во секојдневниот живот бидејќи таа е скапоцен дар на природата и претставува чувство на посебност и припадност. Нејзината вредност е непроценлива, па доколку не би постоеле жените дијамантот би бил обичен камен.
Милена Трикиќ II-1
III место
Нежноста и убавината на жената
Зборот жена самиот по себе ја носи вечната уникатност, горделивост и строгост. Збор, толку моќен што може за миг да те крене во облаци, но и силно да те тресне од земја. Збор во кој Бог ја додал неговата желба да постои кревка, грижлива и покорна личност, а истовремено да е толку моќна за да владее со светот. Тој создал величенствен збор и ѝ го подарил на личноста која е синоним за природно и беспрекорно совршенство.
Жена. Спој од емоционалност, женственост и горка ладнокрвност. Мешавина од преголема мера борбеност, голгота, жртвуваност и желба за самостојно владеење со сопствениот разум. Синоним за ненасловена книга со многу жестоки емоции, тајни мисли, длабоко закопани и никогаш не изговорени зборови. Жена е зборот во кој се огледувам јас. Збор во кој го гледам ноќното бдеење на мајка ми над мојот осамен дух. Нејзината грижлива покорност, кротка насмевка и нејзината желба да го задржи семејството на нозе. И нема да лажам, покорно ја наведнувам главата пред секој овде напишан збор, бидејќи го слушам нивното ехо низ целото мое тело. Го слушам мајчиниот плач и болно ги прекорувам сите мои неискажани чувства кон неа. Упатувам критика и кон моите неиздржани и бурни реакции со кои свесна сум дека правам огромни кратери во нејзината душа. Мајка. Единствениот незапишан закон кој го одржува мирот и спокојството. Единствен извор на убавина, нежност и топла прегратка полна со исконска љубов. Душа накитена со безброј приказни, желби, емоции и отфрлено его.
Горделивоста, но и пожртвуваноста ја отсликуваат успешната жена. Нејзината строга одбивност го храни нејзиното его, но ако со чисти раце го допреш нејзиното срце, ќе почувствуваш благосостојба и мир. Најпрво ќе се осети нејзиниот бес и вознемиреност, но трудољубивоста ги искоренува нејзините челични решетки. Можеби малку подоцна, но скапоценоста е во трпеливите души. Бидејќи вистинската жена никогаш прерано не ги открива нејзините слаби страни.
Кристина Костадинова II-4