Екскурзија што ќе се памети
Објавено на: 31.05.2013
„Вчера е зад нас. Утре е пред нас. Го имаме само денес. Ајде да започнеме!“ – Мајка Тереза.
Водејќи се по оваа мисла, 22 мај беше денот кога ние ја започнавме нашата авантура – екскурзијата на гимназијалците од втора година во градот кој се наоѓа на два континента, Истанбул. Возбудата беше приметлива кај секој од нас. Спремни и сложни, се смествиме во автобусите и конечно тргнавме. Патот како да поминал за миг. Дремка, музика, дружба и …. се најдовме сред Стамбола.
Воодушевени од панорамската глетка на Истанбул, ги вклучвиме фотоапаратите и тргнавме во посета на историскиот дел. Сината Џамија, Аја Софија и Сафир сеир терсата, седмата највисока зграда во Европа, беа местата кои ги посетвиме првиот ден од нашето патешествие.
За џамијата „Султан Ахмед“ (Сината Џамија) од нашиот водич дознавме дека е посветена на Султан Ахмед и дека името „Сина“ го добила од туристите бидејќи во ентериерот преволадува сината боја и синиот цвет. Илјадници луѓе од целиот свет беа на тоа место. Кога велеговме во џамијата, ни беа дадени посебни парчиња облека и не беше дозволено да велгуваме со обувки, моравме да ја почитуваме нивната традиција. Сликите беа неизбежниот дел. Тоа се моментите кои најмногу ќе ги паметиме од ова место.
Малку подолу од Сината Џамија, се протега прекрасната Аја Софија. Некогаш црква и џамија, денес национален музеј во кој секој има пристап. Карактеристично за неа е тоа што од изградбата во IV век, па сè до 1453 г. претставувала црква. Во 1453 г. претворена е во џамија. Сите христијански обележја се покриени или отстранети. Останала џамија сè до 1931 година, кога била затворена. Во 1935 г. повторно е отворена, но како музеј. Денес таа е една од најпознатите и најпосетуваните туристички атракции во Истанбул. Позлатена во внатрешноста, со автентична градба, Аја Софија нè остави без зборови сите нас. Местото за замислување на желба и стилот во кој се измешани христијанско-муслимански делови беа највпечатливите за нас. Но, не само внатрешноста на овие места, бевме изненадени од Истанбул како еден од најчистите и најсредените еколошки градови во Европа.
По посетата во историскиот дел на Истанбул, се упативме кон новиот европски дел каде што живеат најпознатите и најбогатите. Навистина бевме вчудоневедиени кога го согледавме контрастот на овој град, поделен на 4 дела: сиромашен-староевропски, богат-новоевропски, историски и азиски дел. Сафир сеир терасата никогаш нема да ја заборавиме. Мошне импресивн за нас беше и 4D проекцијата која претставуваше виртуелна прошетка низ Истанбул. По панорамскиот поглед од највисоката точка (236м) над Истанбул, моравме да се симнеме и да продолжиме понатаму.
Од највисоката зграда во Истанбул, се упативме кон хотелите каде имавме време за одмор и забава.
Утредента, свежи и одморени, тргнавме во Долмебахче Сарај, дворецот каде живеел последниот султан на Османсликата империја, султанот Азис. Огромните порти, чистите и уредени дворови, невообичаените градби, ентериерот и екстериерот нè оставија без здив и беа само дел од многуте восхитувачки моментите кои ги почувствуваме. Влеговме возбудени, а излеговме маѓепсани. Тоа што го видовме во палатата на Султанот, колку и да сакаме да го прикажуваме преку слики и зборови, не е исто, доколку и Вие не сте го посетиле и почувствувале.
Маѓепсани од домот на султанот Азис, со полно воздишки продолживме на одмор за душата со крстарење по прекрасниот Босфор, протокот што ги спојува Европа и Азија. Европскиот дел од една страна, азискиот од друга, автентични сами по себе, се почувствувавме како да сме дел од волшебна сказна. Фотографии од секоја страна, насмевки, топол турски чај… Се дружевме и забавуваме, едноставно уживавме во несекојдневниот поглед.
Но, авантурата не сопре и по крстарењето на Босфор. Подоцна го посетивме најголемиот и најлуксузниот трговски центар во Истанбул, ФОРУМ. Таму, кој на шопинг, кој на шетка, кој на јадење. Сите го исполнувавме слободното време. Една мала група реши да го посети првиот аквариум во Истанбул – „ Turkuazoo “. Слушајќи ги нивните импресии, сите посакавме да влезиме во подводниот свет.
Но, нашите хотели сепак не очекуваа. Вечерта имавме забава во многу опуштена и ориентална атмосфера. На крај, успеавме малку да се одмориме.
За да ја заокружиме авантурата, последниот или третиот ден од посетата во Турција, автобусите се упатија кон Бурса, вториот град по големина во Турција. Со авотбусите минавме и низ мостот на Босфор, па го посетивме и азискиот дел од Истанбул. Бевме среќни – отидовме дури во Азија! Патувањето кон Бурса се надополни со превозот на фериброд.
Во Бурса го посетивме музејот Ататурк, кој порано бил дом на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Турската Република. Отидовме и во „Koza Han“, најголем и најпознат пазар за производи од свила во Турција. Ценкање и смеа, јадење и фотографирање, времето полека летнало.
Градот Бурса не воодушеви бидејќи е сместен на висорамнина, па имавме можност да ја фотографираме цела околина.
Конечно се упативме назад кон нашата Македонија. По патот имаше смеа, песна, забава и прераскажување на случки и доживувања, па како за миг утредента на 26 мај се најдовме на местото од каде што тргнавме. Како да сме се разбудиле од еден прекрасен сон.
Турција беше навистина како земја од сказните. Ова се сепак моменти кои ќе ни останат засекогаш во сеќавање од овој период на школувањето во Гимназијата „Добри Даскалов“. И мораме да им се заблагодариме на нашите класни раководители, што ни овозможија прекрасна организирана екскурзија. Но, веруваме и се надеваме дека и тие се задоволни од нас што ја претставивме Гимназијата во одлично светло.
За крај само ќе кажеме една изрека: „Ден без смеа и ден без љубов е ден без живот. Затоа смејте се, љубете и уживајте во животот“. Такви беа деновите поминати во Турција!