Убаво е кога успешната соработка продолжува со нови идеи и проекти


Објавено на: 30.03.2016

Во периодот од 14 до 21 март 2016 година, СОУ Гимназија „Добри Даскалов”- Кавадарци, како партнер на Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип, заедно со Техничкиот Универзитет од Софија, ГУЦ „Здравко Цветковски” од Скопје, Втората Јазична Гимназија од Софија, исто, училишта – партнери и домаќинот, Гимназијата „Курт Николин” од Финспанг, Шведска, учествуваше на работилници како дел од проект на програмата „Еразмус +’, на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Меѓусебната конверзацијата беше на англиски јазик. Домаќинот, директорот на Гимназијата „Курт Николин”, Андерс Содергрен и наставникот, Златко Каров, по потекло од Кавадарци, заедно со другите наставници и ученици, посакаа топло добредојде.

DSC 0092

Носител на проектот е Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип, и истиот е воден од Доц. Д-р Зоран Здравев, а работилниците реализирани при оваа соработка беа на тема: „Интегрирање на електронското учење во училниците”, кои имаат за цел зајакнување на човечките капацитети за примената на ИКТ и електронското учење во наставата. Учесници во овие работилници од СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци, беа: Невенка Поп-Ангелова, директор при Гимназијата, м-р Зоран Милевски, наставник по информатика, Благородна Лазова, наставник по информатика, Мики Камчевски, наставник по историја и Лоска Давчева, наставник по економски предмети.

DSCN4262

 

Ова не е прва посета на СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци, на Гимназијата „Курт Николин” од Финспанг, Шведска. Една ваква посета беше реализирана во почетокот на октомври 2015 година, кога ученици и наставници од нашето училиште остварија неколкудневен престој во ова училиште, при што разменија идеи и проекти за поефективна настава.

Најнапред, свое претставување имаше Техничкиот Универзитет од Софија, кој ја презентираше направената анализа за постигањата од примена на електронското учење во училниците, врз база на претходно дистрибуирани анкетни прашалници помеѓу училиштата- учесници.

DSC 0235

Актуелната посета, реализирана од 14 до 21 март 2016 година, отвори нови видици во начинот на реализирање на наставата во средно училиште, преку примена на компјутери и ИКТ, правејќи ја наставата подинамична и поинтерсна за учениците. Во гимназијата „Курт Николин” во Финспанг, наставните часови траат по два работни часа, со можност учениците да излезат на пауза, да се напијат вода или чај… Во ова училиште практично нема училишно ѕвонче, а сè функционира во најдобар ред. Наставата трае од 8:00 часот до 15:00 или до 16:00 часот, помеѓу различните наставни предмети има пауза од половина час, но и таа е искористена продуктивно: учениците играат пинг-понг (во посебни простории за таа намена), ја посетуваат градската библиотека, лоцирана во училишната зграда или ги сумираат заклучоците од проектите што ги работеле на наставните часови. Училиштето брои околу 400 ученици, но преголема гужва и врева, речиси и да не се забележува. Однесувањето на учениците е примерно, а на лицата им се чита љубезна насмевка. Кај нив доминира тимскиот дух и сите работат на остварување на заедничи поставените цели: реализација на проект, културно-уметнички преформанс, учество на натпревари… Соработката со наставниците им е непосредна и другарска, и во неа се гледа меѓусебна почит на релација: ученик-наставник.

 20160317 124647

Гимназијата „Курт Николин” од Финспанг е јавно-приватно партнерство, каде доминантен сопственик со 51% во сопственоста, е приватниот сектор, претставен од повеќе приватни компании, а како најголема – компанијата „Сименс”. Остатокот од сопственоста, 49%, е на општината.

Најголемиот број ученици од ова училиште се вработуваат во компанијата за производство на турбини „Сименс”, лоцирана токму во градот Финспанг. Малиот град Финспанг, познат во минатото по производство на топови, сега е центар на производството на турбини за индустријата!

Она што може да се наведе како рефлексија од реализираните работилници, на кои, исто така, беа претставени повеќе проекти од гимназија „Курт Николин”, е дека учениците остваруваат поголеми постигнувања кога работат тимски, примената на ИКТ во наставата е нивна секојдневна рутина, паметните табли се неопходност и ги има во секоја училница, заедно со многу други нагледни средства, лап топ од позната марка е обезбеден за секој ученик, училиштето им финансира на учениците една екскурзија во странство, на учениците им е обезбедена храна во рамките на училиштетео, за што постои ученичка менза со самопослужување, учениците користат бесплатни ученичкии билети за градски превоз, неопходните ресурси за сите проекти ги обезбедува училиштето, фотокопири има на располагање на учениците и наставниците насекаде во училишната зграда, училиштето поседува тридемензионален скенер и принтер, кои чинат илјадници евра…

DSC 0032

Просториите каде учениците изведуваат практична настава, се лоцирани во подрумските простории на училиштето, ако може да се рече така. Всушност, тоа се цели „претпријатија”, согласно нашите услови, од електро-машинска дејност, со голем број машини, алати, опрема, возила за внатрешен транспорт, палети, челични профили, апарати за заварување, заштитни наочари, магацини полни со резервни делови, работни маси на кои работи еден ученик со еден наставник-ментор… и ја изведува практичната настава. Во едни такви услови, ХТЗ облеката е задолжителна за сите ученици и наставници, со цел тие да бидат безбедни при изведувањето на практичната настава.

Како дел од проектите што ги работат учениците во тамошното училиште, беше изработувањето на нашите лица од фотографија, во метал. Изработувајќи го овој проект, учениците истовремено ги споија знаењата од компјутерските програми, добиени по одделните наставни предмети, заедно со знаењата за користење машини за механичко изработување на производи од метал, во овој случај лицата на наставниците-учесници во проектот.

На 17 март 2016 година, на четвртиот ден од нашиот престој таму, гимназијата „Курт Николин” беше домаќин на регионален натпревар за иновации „The zipper”, на кој со свои штандови се претставија 39 училишта, со повеќе тимови, од регионот. Секој тим презентираше иновативен производ или иновативна услуга, нешто ново што дотогаш го немало на пазарот. Нам, како гости од странство, ни беше укажана чест со наше вклучување како Интернационално жиро, кое требаше да избере десет најуспешни иновативни производи или услуги, од кои, вкупно три, ќе учествуваат на Национален натпревар за иновации помеѓу училиштата во Шведска. На крајот од оваа манифестација, не изостана љубезното заблагодарување од домаќините за значајниот придонес на гостите од странство во реализацијата на натпреварот.

Во текот на престојот во Шведска, учесниците заедно со претставник од гимназијата „Курт Николин” од Финспанг, наставникот Златко Каров, кој по потекло е од Кавадарци, ја посетија и Техничката Гимназија во Стокхолм, која едуцира кадри за вработување во познатата компанија „Сканија”, која пак, се занимава со производство на автобуси, камиони и сл. Оваа техничка гимназија е во сопственост на компанијата „Сканија” (80%) и на позната шведска компанија за производство на медицинска опрема (20%), што значи целосно е во приватна сопственост. Техничката гимназијата е лоцирана во стопанскиот двор на компанијата „Сканија”, а ручекот на учениците се изведува во работната менза на компанијата „Сканија” – учениците ручаат заедно со работниците од компанијата. Така, се воспоставува подиректна врска и припадност на учениците кон оваа компанија, што е многу значајно, за нивното идно вработување таму, како што наведе директорката на Техничката Гимназија. И оваа Гимназија ги има сите потребни ресурси за настава и практична работа: работилници за практична настава, како цели мали или средни претпријатија, за секој ученик посебна машина на која тој „работи”, алати, опрема, роботи, ХТЗ облека… И, сè функционира беспрекорно…

DSC 0074

Задолнително и тука, не изостанаа: љубезниот однос, позитивната гестикулација, отвореноста за соработка и за поставување прашања, флуентниот англиски јазик на кој ни се обраќаа и поканата да ги посетиме повторно!

Освен со воодушевување за образовниот систем и условите за учење и настава, со воодушевување може да се зборува за убавините на Финспанг – дворецот на „Сименс”, малите куќи останати во автентичен изглед од 1772 година, на пример, многуте мали езера кои беа замрзнати – се вели дека во Финспанг има 365 езера – за секој ден од годината, а дури 170 од нив имаат име, мирот и тишината на градот, во кој секој е преокупиран со своите мисли, многуте прозорци на куќите украсени со стоечки ламби, убавиот парк… И секако, бројните топови кои го красат цел град.

Во неформална посета ги откривме и убавините на Норчпинг, град кој порано бил важен центар на текстилната индустрија, денес важи за многу значаен центар на културата и едукацијата. Во овој град истовремено сообраќаат автобуси и трамваи, автомобили, секако, а сето тоа функционира непречено. Во градот има многу еколошки зони, како паркови и реки, кои претставуваат резултат на одделни проекти.

DSCN4115

Стокхолм е убава приказна сам за себе. Кралскиот дворец, музејот „Алфред Нобел”, Балтичкото Море, кое го гледате пред вас, украсено со многу големи бродови, музејот на познатата музичка група „АББА”, музејот „Васа”… Градот живее со полна пареа, а дише со грациозност и елеганција. Вреди да се посети. Стокхолм е годинешниот домаќин на изборот на песна на „Евровизија” – попатно ја видовме и салата во која ќе се одржи оваа европска манифестација.

Преку реализацијата на овој проект добивме сознанија за реализирањето на стручното образование во Република Бугарија и Шветска, со што можеме да направиме компарација со нашето образование. Голем дел од образовните активности во овие две земји можат да се применат и кај нас, но за таа цел потребни се повеќе ресурси и добра образовна политика. Во секој случај, примената на електронското учење во училниците го облагородува наставниот процес, прави тој да биде поефективен и подинамичен, а учениците – покреативни и иновативни, што секако, се повисоки цели ако се има во предвид дека новините и позитивните промени во образованието, го движат општеството напред. Во една таква констелација на услови, наставникот добива улога на менаџер во училница, кој ги поттикнува и мотивира учениците да доаѓаат до нови идеи и креативни решенија. Тој е мотиватор и инспиратор. Важно е наставникот да го поттикнува слободниот дух на ученикот, за тој да ги надминува веќе постоечките граници и да открива нови хоризонти и можности, кои даваат ново значење на веќе постоечки работи или да создава од темел нешто ново, дотогаш непознато. Во секој ученик се крие одредена способност за нешто, па должност на наставникот е истата да ја открие, насочи, обликува како креативен потенцијал на ученикот. Мотивираноста најмногу се поттикнува со пофалби, јавни презентации, учество на натпревари, со оддавање признание за придонесот кон нешто, со укажување за понатамошно усовршување, со давањето значење и на најмалиот креативен порив на ученикот…

Ако сето ова се сумира, може да се каже дека убаво е кога успешната соработка продолжува со нови идеи и проекти!

Извештајот го подготви,

Лоска Давчева, наставник по економски предмети

{qtube vid:=qxm-S5GdJeY}

Извадок од вести на телевизијата КТВ