Патрониот празник на гимназијата – испишана уште една успешна приказна на младите гимназијалци
Објавено на: 13.11.2024
На денешниот ден, со гордост и воодушевување, гимназијалците одбележаа уште еден Патронен празник, кој ќе остане запаметен како уникатен спој на уметноста, посветеноста и инспирацијата. Преку музичко-сценската изведба на безвременското дело на Александар Сергеевич Пушкин, приказната за љубовта и опсесијата “Евгениј Онегин,” нашите ученици, под менторство на професорите Васка Петкова и Драган Вељковиќ, ја пренесоа моќната порака:
Од некои патишта не можеш да побегнеш!
Од некои копнежи не можеш да се спасиш!
Од некои вистини не можеш да се скриеш!
Извонредната актерска игра, професионалноста и трудољубивоста на учениците никого не оставија рамнодушен. Гимназијата е бескрајно горда на своите талентирани ученици, а денешниот впечатлив настап е успех за кој долго ќе се зборува и ќе биде поттик за идните генерации.
На присутните им се обрати директорот на гимназијата, м-р Зоран Милевски. Во своето обраќање, тој ја истакна важноста на патрониот празник како потсетник на минатото и традицијата, и ја сподели визијата за создавање иднина со гордост за секој успех и достигната цел.
Училишниот хор и оркестарот, со неколку музички точки, дополнително ја збогатија атмосферата и предизвикаа искрено воодушевување кај сите присутни.
На иницијатива на ученичката заедница под менторство на проф. Наташа Матакова и проф. Кире Мукаетов, ликовните уметници со своите цртежи го оживеаја ликот на патронот Добри Даскалов и неговото време.
Со ова одбележување, гимназијата уште еднаш покажа дека со љубов кон уметноста и знаењето се гради иднина која инспирира и обединува.