Средношколските денови се најубави, тие се најромантични, највозбудливи и најемотивни. Во овие денови спаѓа и средношколската екскурзија на учениците од трета година, екскурзија што е единствена и што остава спомени до крајот на животот.
12.05.2025 година
Прв ден – Собирање пред кошевите на СС „Јасмин“. Пристигнување на автобусите на „Екстра-бус“ од Кавадарци и одговорните (водичите) од Т.А. „Рапсоди“ од Скопје. Тргнување во 12:00 часот. Прв ден од сонот да се посети и да се види убавата и голема Италија (bella e grande Italia), земјата на големата Римска империја и Римското царство, земја на модата, на шансоната, на фудбалот и друго. Патувањето беше придружено со прекрасно дружење, смеење, пеење, играње, спиење и будење со едно нестрпливо исчекување да се види токму таа – Италија.
Втор ден – Пристигнување во Италија, возење со бротче до Венеција (вистинско доживување со генерацијата), разгледување на прекрасната Венеција со нејзините најубави знаменитости: шеталиштето, црквата Санта Мариа де ла Пиета, Дуждевата палата, Мостот на воздишките, стариот затвор, Базиликата Св. Марко, Плоштадот Сан Марко, мостот Риалто и се разбира незаборавното возење со гондола со песната на шармантинте гондолиери – незаменливата италијанска шансона. А во Лидо ди Јесоло, мало туристичко гратче, не пречека прекрасниот морски брег со песочните плажи и мирисот на морето.
Трет ден – Посета на Верона градот на љубовта, на Ромео и Јулија, Плоштадот Ербе, Плоштадот Сињори, споменикот на Данте Алигиери и друго.
Четврти ден – Целодневно разгледување на Рим, градот на Ромул и Рем, на Плоштадот Св. Петар, на Базиликата Св. Петар, Тврдината Св. Анџело, Плоштадот Навона, Пантеон, Фонтана ди Треви, Шпанскиот плоштад, Плоштадот Венеција, Римските форуми, Колосеумот… Слободно време за индивидуална прошетка во Рим.
Петти ден – Пристигнување во Фиренца – градот на уметноста, градот на уметниците, на мецените, градот на познатата фамилија Медичи. Разгледување на Катедралата Санта Мариа Дел Фиоре, палатата Медичи, мостот Векио, запознавање со големиот придонес на фамилијата Медичи во делот на уметноста и прифаќањето на сите уметници како нивни заштитници во градот Фиренца. Посета на познатото гратче во Италија – Пиза, со посета на Кривата кула и упатување кон Монтекатини, мирно и тивко гратче со убава архитектура и вечерно дружење проследено со забава на учениците во еден од градските локали.
Шести ден – Тргнување за Македонија, Кавадарци. Во душата на сите ученици сјаеше една убавина од незаборавни денови, во срцето се чувствуваше возбуда, во мислите импресии, во погледот стоеше фотографски апарат со илјадници слики на едно прекрасно дружење и доживување, единствено, неповторливо, преубаво, незаменливо, богато и скапоцено. Незаборавна духовна и душевна убавина и исполнетост. Среќа! Да, среќа! Незаменлива среќа ни донесе оваа средношколска екскурзија на сите нас и учениците од трета година. Благодарение на Т.А. „Рапсоди“, водичите и беспрекорната одговорност на шоферите од „Екстра-бус“-Кавадарци за нашата безбедност во текот на целото патување како и на нашите класни раководители и директорот.
А ние учениците имавме сон што ни беше како бајка и тој сон се оствари, бајката стана вистина, бевме во Италија и се вративме среќни и задоволни.










