Културен настан по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во просториите на Библиотека „Феткин“ се одржа  културен настан посветен на убавината, богатството и значењето на мајчиниот јазик.

Учениците од Гимназија „Добри Даскалов“ настапија со рециталот „Јазикот е нашата единствена татковина“, испраќајќи силна порака за важноста на негувањето и зачувувањето на мајчиниот јазик. Со длабока чувствителност, јасна дикција и достоинствен настап, младите рецитатори успеаја да ја пренесат силата на пораката дека јазикот не е само средство за комуникација, туку наш идентитет, корен и духовен дом.

„Го сакам македонскиот јазик
и топлината на зборовите од устата на мајка ми
кои ме галат наутро,
и гласовите на предците, на учителите
и шепотот на вљубените…“

Преку овие стихови силно одекна љубовта кон татковината и мајчиниот збор, како и свеста дека јазикот е живо наследство што нè поврзува со минатото и иднината.

 Со својата посветеност, самодоверба и љубов кон пишаниот и изговорениот збор, учениците покажаа дека младите генерации со гордост го носат и го чуваат македонскиот јазик.

Настанот уште еднаш потврди дека јазикот е нашата единствена татковина – богатство што треба да го чуваме, негуваме и пренесуваме на идните поколенија.