Ученици од Тузла во посета на Општина Кавадарци – Гимназијата „Добри Даскалов“ горд домаќин на ученичката размена

Во периодот 29 март – 3 април 2026, СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци е домаќин на втората ученичка размена со Средното училиште за современа уметност од Тузла, Босна и Херцеговина, во рамките на проектот „Замисли сега – Создај утре“ во рамките на Програмата Суперучилишта поддржана од RYCO, Европската Унија, BMZ – German Federal Ministry for Economic Cooperation and Development (BMZ) и GIZ – Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit.

Денес учениците од двете училишта ја посетија општина Кавадарци, каде што г-ѓа Јасминка Чулева, раководител на секторот за образование и спорт, им посака добредојде во Кавадарци и ги запозна со нашата Општина.

Во просториите на училиштето директорот на гимназијата м-р Зоран Милевски им порача да разменуваат идеи, да развиваат пријателства и да се чувствуваат како дома.

Координатори на проектот се проф. по англиски јазик Христинка Косовска и проф. по математика Нада Лазова.

Проектот ги поврзува младите од Западен Балкан преку креативни драмски и театарски методи, како и преку работилници за ненасилна комуникација, медијација и дијалог форум, поттикнувајќи меѓукултурен дијалог, градење мир, емпатија и заедничко создавање. Учениците работат на активности кои ги истражуваат идентитетите, личните приказни и визиите за иднината – процес што ќе кулминира со заедничка театарска претстава.