Гимназијалците со мјузиклот Dancing Queen гостуваа во Шведска
Објавено на: 24.09.2016
По неколкуте успешни изведби во нашиот град и наградите од меѓународни фестивали учениците од гимназијата со мјузиклот “Кралица на танцот” гостуваа во Шведска во училиштето Курт Николин со кое нашата гимназија веќе неколку години по ред успешно соработува и реализира заеднички проекти.
Неколкудневниот престој во Норчепинг, посетата на Стокхолм, патувањето со брод по Балтичко море и посетата на Прага и Братислава го направија ова несекојдневно патување и незаборавно дружење со шведските ученици.
Мјузиклот блесна на сцената во Финспанг пред публиката – ученици од Курт Николин кои не останаа рамнодушни и цел час се забавуваа со рефрените од хитовите на групата АБА.
Соработката со Курт Николин продолжува и понатаму. Нашите ученици имаат голема желба да ја посетат Шведска, да се запознаат со нивната култура, да го запознаат нивниот образовен систем, но и шведските ученици се заинтересирани за Македонија, за нашиот град и нашето училиште.
Од минатогодишната посета на Финспанг, ученикот Ристе Мицев одлучи своето школување да го продолжи во Курт Николин и оваа учебна година веќе е нивни ученик.
Гимназијата “Добри Даскалов” е меѓу ретките училишта во кои учениците преку најразлични проекти, воннаставни активности патуваат во повеќе европски земји, ги прошируваат своите видици,разменуваат искуства и ги споделуваат со останатите ученици во интерес на училиштето и унапредување и осовременување на наставниот процес.