Дебата на тема „Книгата прозорец кон светот и прозорец кон себе“
Објавено на: 29.05.2013
На 29 мај 2013 година (среда) во кино-салата на училиштето беше одржана дебата на тема „Книгата прозорец кон светот и прозорец кон себе“. На покана на директорката г-ѓа Невенка Поп-Ангелова, дебатата ја водеше поранешна ученичка на гимназијата, денес студент на Филолошкиот факултет во Скопје, Моника Илкова. Како што кажа директорката, целта беше да се мотивираат што повеќе средношколци да читаат, пишуваат, да си го пронајдат својот пат и „средето на светот“. Присутни беа ученици од прва и трета година. Дебатата ја отвори професорката по македонски јазик и литература, Гордана Еленова за која Моника кажа дека таа била нејзината инспирација за да се запише на катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности и дека професорката е „виновна“ за нејзината огромна љубов кон пишаниот збор.
Се разговараше за тоа колку средношколците читаат, што најчесто сакаат да читаат, за сите предности кои ни ги нуди светот на книгите и за омилените автори и жанрови. Учениците ги споделија своите мислења за тоа кои книги ги сметаат за “добри”, а кои за “лоши” и дали воопшто постои таква поделба на книгите. Се дојде до заклучок дека добра книга е онаа книга во која можеш за момент да се изгубиш, но сепак подобра е онаа книга во која можеш да се пронајдеш. Така се премина на вториот дел од дебатата- себепронаоѓањето и спојот на себепронаоѓањето со книгата. Се отвори прашањето за тоа како преку туѓи приказни, чувства и емоции што ги сретнуваме во книгите можеме да допреме до себе и како преку книгите откриваме нови нешта во нас. Се направи споредба помеѓу виртуелниот свет на социјалните мрежи и имагинарната реалност во книгата, по што секако , сите се сложија дека и покрај предностите кои ги нуди интернетот, останува правилото дека „Книгата е прозорец кон светот и прозорец кон себе”. На крај се дојде до заклучок дека книгите се најдобар извор за себеподобрување, духовно и интелектуално збогатување, за откривање на нови светови и протори.
Дебатата ја завршивме со надеж дека ќе успееме да ги промениме резултатите од последните истражувања кои велат дека средношколците се први на листата на нечитатели. На присутните им беа поделени картички испишани со мудрости од најубавите книги. Моника им се заблагодари на учениците за соработката, на директорката за поканата, а на нејзината професорка за огромната инспирација која сè уште ја добива од неа. За крај на учениците им се порача да го откријат универзумот ЈАС во себе и до следната средба на некоја друга инспиративна тема да прочитаат што е можно повеќе книги зашто “Oној кој чита, живее илјада животи пред да умре , човек кој никогаш не чита, живее само еднаш” .