Дивна Пешиќ и Васка Леонтиќ гости во „Мојата идна професија“
Објавено на: 14.03.2013
Проектот “Мојата идна професија” успешно продолжува да се реализира со дебати за учениците од IV година да им помогне поодлучно и посигурно да ја изберат својата идна професија.
На 13.03.2013 година во кино салата на училиштето беше организирана дебата во која гости беа м-р Дивна Пешиќ, ликовен уметник и Васка Леонтиќ, стилист-сопственик на студио и академија Леонтиќ.
Дебата ја отвори Директорката на училиштето, Невенка Поп-Ангелова, која им се заблагодари на гостите за нивното присуство и издвоеното време да ги споделат нивните успешни животни приказни со учениците-матуранти од нашата Гимназија.
Дебата ја започна Дивна Пешиќ која несебично ја сподели со учениците својата животна приказна прераскажувајќи им ги своите професионални искуства кои ги стекнала на патот кон успехот. Се потсети на средношколските денови поминати во оваа гимназија,зборуваше за студиите на Филолошкиот факултет, за неуспешниот обид за запишување на Факултетот за ликовна уметност. Но и покрај тоа таа храбро чекорела напред, сигурна во себе, во своите квалитети и со морална поддршка од најблиските продолжува да слика, а најголемите успеси ги постигнува со сликарството, изложувајќи ги своите дела во најпознатите светски галерии и години наназад освојувајќи ги најпрестижните награди во светот.
Се задржа и на нејзината голема љубов-стрелаштвото, нејзините успеси, олимпијадата, постигнатите рекорди со кои особено се гордее.
Пешиќ со учениците сподели и дел од нејзиниот дневник кој го водела за време на средношколските денови во кои се гледа нејзината упорност, решителност како и откажувањето од многу нешта за да ги оствари замислените цели и да зачекори по патот на успехот. На крај на учениците им посака никогаш да не се откажуваат од потрагата по своето Јас и да веруваат во себе.
Леонтиќ започна да зборува за своите почетоци, за предрасудите околу нејзината професија, реакциите од околината. Но, нејзината упорност, големата желба и љубовта кон професијата ја донеле на нивото на кое е денес. Патот до тука воопшто не бил лесен. Но бунтовноста, гласното говорење, медуимската борба за да излезе на виделина она што е добро, квалитетно, да се почитува и користи она што го имаме како потенцијал во нашата земја, за кампањи, ревии и снимања вродила со плод. Нејзниот успех се должи и на постојаното надградување следејќи ги најновите светски трендови, комуникацијата со западноевропските земји и работата на европски проекти. Но како еден од најголемите успеси го смета отворањето на средното училиште во кое своето искуство го пренесува на помладите. Но не застанува тука. Желбата за напредок и афирмарција надвор од земјата ја продолжува како визитинг професор на неколку европски универзитети.
Учениците внимателно го проследија излагањето на гостите и активно се вклучија со нивни прашања. Дебатата кај ученици предизвика голем интерес и салата беше претесна да ги прими заинтерисираните ученици кои сакаат да бидат дел од овој несекојдневен настан. Гостите водејќи се од своето искуство им порачаа на учениците да ја следат својата интуиција, смело да им приоѓаат на сите предизвици во животот, да веруваат во себе и постојано да се надградуваат и усовршуваат.
Повеќе фотографии во Галерија или на овој линк