Доделување на наградите од конкурсот „Иднината не постои, неа треба да ја создадеме“
Објавено на: 30.05.2013
Во рамките на одбележувањето на 24 мај – Денот на словенските просветители во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ – Кавадарци свечено беа доделени наградите од распишаниот литературен конкурс за есеј на тема „ Иднината не постои, неа треба да ја создадеме“.
Сите учесници на конкурсот – осмоодделенци од основните училишта во Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија добија сертификати за учество, а училиштето од кое пристигнаа најголем број есеи ООУ „Гоце Делчев“ – Кавадарци доби посебна награда – книги за училишната библиотека.
I награда ја освои Ридова Ангела од ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ – Кавадарци
II награда ја освои Ивана Филева од ООУ „Страшо Пинџур“ – Неготино
III награда ја поделија учениците Јована Крстева од ООУ „Пере Тошев“ – Росоман и Даниел Мелов од ООУ „Димче Ангелов-Габерот“ – Демир Капија
На свеченоста беше организирана и презентација на училиштето под мотото „СТАНИ ГИМНАЗИЈАЛЕЦ“. Ученици од гимназискиот, економскиот и правниот смер ги запознаа осмодделенците со предностите и гордоста да се биде ученик во гимназијата, но и со наставните предмети и многубројните воннаставни активности.
На видео презентацијата можеа да се видат условите за работа, современите форми и методи кои се применуваат во наставата, одбележувањата на сите празници и јубилеи, обуки, семинари, меѓународни соработки.
Учениците ги поздрави директорката на гимназијата Невенка Поп-Ангелова која зборуваше за долгогодишната традиција на гимназијата и вложеноста на наставниот кадар во воспитно-образовниот процес на создавање успешни луѓе кои подготвено ќе им приоѓаат на предизвиците во животот. На крајот ги потсети осмоодделенците:
– Направете го вистинскиот избор!Бидете со најдобрите, најнаградуваните и најуспешните!Бидете и вие со нас и од септември заедно да ја продолжиме оваа успешна приказна!
По завршувањето на сите ученици им беа поделени флаери од гимназијата „Добри Даскалов“ со посебен код, кој скенирајќи го директно ќе ги одведе на веб страната на гимназијата во делот уписи.
Повеќе фотографии во Галерија или на овој линк