Достојни победи на полето на науката, музичката уметност и спортот


Објавено на: 16.05.2011

Секоја учебна година во текот на месец мај се случуваат најмногу јуначки мегдани на полето на науката, уметноста, спортот итн. Впрочем одбрани и докажани ученици од цела држава во овој период учествуваат на државни натпревари од различни области и ги претствуваат своите училишта, под закрила на нивните ментори.

  gimnazija1gimnazija2

Нашата Гимназија и оваа година покажа не само масовност во учествата, туку и квалитет и реални успеси. Поаѓајќи од групните натпревари, учениците коишто беа активно вклучени во проектни активности хор и оркестар освоија голем успех. Поточно училишниот оркестар на Републичкиот натпревар на оркестри го освои првото место, со освоени 100 поени и специјална награда за најдобар аранжман на натпреварот за менторот и диригентот Драган Вељковиќ. Училишниот хор под менторство на Златко Смилески донесе уште едно прво место и го одбрани достоинството на нашиот град кој воедно беше и домаќин на Републичкиот хорски натпревар.

Нашите ученици под менторство на проф. Илија Ганчев и Кристина Крстева се докажаа и на Државниот натпревар по физика. Љупче Петров, ученик од втора година триумфира со своето знаење и го освои првото место, додека Васко Лалков го освои третото место.

И вредна е да се истакне и победата на Фиданка Василева, којашто освои прво место и златен медаљ за фрлање ѓуле на Државниот натпревар во атлетика.

На сите ученици и на нивните ментори им честитаме и им посакуваме уште мноштво успеси.