Дводневната посета во Крушево
Објавено на: 20.05.2010
Акцијата за борба против изостаноците којашто беше организирана во месец март, во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ донесе позитивни резултати. Благодарение на оваа акција учениците од I-година кои немаа изостаноци и покажаа одличен успех по сите предмети на крајот на третото тромесечје добија награда, дводневна екскурзија во Крушево.
Тоа се учениците: Илиевска Рајне, Лалков Васко, Наџинска Грозданка, Петковска Моника, Чејкова Катерина, Велковска Маја, Петров Љупчо, Клинчарова Даниела, Тасева Андријана, Лазарова Елена, Тодорчева Александра и Рамнешова Ивона. Учениците Лалков Васко и Петров Љупчо поради подготовки за учество на натпревари по физика и информатика не отпатуваа во Крушево. Додека учениците без изостаноци во месец март од останатите години ќе добијат соодветни награди.
Екскурзијата ја организираа директорката Невенка Поп-Ангелова, училишниот психолог Душанка Иванова и заменик-директорката Снежана Миховска, а се реализираше на 13 и 14 мај, 2010 година.
Оваа посета-награда за учениците од прва година имаше работен карактер. Всушност главната цел беше воспоставување соработка меѓу училиштата СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ од Кавадарци и СОУ „Наум Наумовски-Борче“ од Крушево.
Домаќини кои ги пречекаа и им посакаа импресивно добредојде на учениците и организаторите беа ученици и претставници од СОУ „Наум Наумовски-Борче“ Крушево. Во текот на оваа екскурзија се изведоа повеќе активности. Првиот ден нашите ученици го посетија Мечкин Камен, се запознаа со домаќините и се сместија. Наградените учениците заедно со домаќините беа на попладневна прошетка низ градот. За време на прошетката тие ги посетија историските знаменитости кои се обележја на Крушево. Крушево е град со богато историско минато и град во кој се случиле значајни историски настани. Учениците ја имаа честа да посетат неколку од нив. Го посетија споменикот „Македониум“, црквата „Св.Никола“, гробот на нашиот ангел Тоше Проески и некои други. Вечерта беа на забава, а утредента гостите присуствуваа на неколку наставни часа во класот на учениците каде што беа сместени. Целта на нивното присуство на часовите беше да видат како се изведува наставата таму, колку се користат компјутерите во наставата и односот професор-ученик. Всушност тоа беше и една од целите на оваа посета покрај воспоставувањето на соработка меѓу училиштата СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ и СОУ „Наум Наумовски-Борче“, мобилност и желба за стекнување нови знаења и вештини, размена на искуства и идеи и ширење на пријателства.
По заедничкипот ручек се разговараше за наставата во двете училишта и слободното време на учениците-врсници.
На заминување директорката Билјана Проеска со задоволство ја прифати нашата покана, во периодот по 24. мај, претставници од СОУ „Наум Наумовски-Борче“ да го посетат нашето училиште и нашиот град, согласно предвидениот план за воспоставување и негување на меѓуучилишната соработка.
Се радуваме на повторната средба со нашите нови пријатели и нестрпливо ги очекуваме.
Акцијата „Март-месец на борба против изостаноците“ влијаеше мошне позитивно врз учениците, со тоа што се постигна кај поголем број ученици мотив да не прават изостанувања или да имаат што помалку изостаноци, за да бидат наградени.