Еднодневен семинар на тема „Демократијата и Собранието“ за ученици од средните училишта
Објавено на: 12.11.2019
Ученици од шест средни училишта од Прилеп, Кавадарци, Липково, Маврово и Ростуше, Свети Николе и Скопје, придружувани од нивните наставници, учествуваа на еднодневен семинар на тема „Демократијата и Собранието”, кој се одржа во Едукативниот центар на Парламентарниот институт.
Учениците прво имаа можност преку организирана обиколка да го разгледаат свечениот дел на Собранието и да ја разгледаат внатрешноста на зградата како значајно одбележје на македонската државност. Потоа, низ видео проекции, работилници и интерактивни презентации ги утврдија и проширија своите знаења за демократијата, парламентарната демократија и нејзиниот историски развој во Македонија, за местото и улогата на Собранието, постапката на донесување закони во Собранието, правната положба на пратениците и сл.
На присутните ученици и наставници им беше доделен сертификат за учество на семинарот.
Целта на семинарот е приближување на работата на Собранието на Република Македонија до младата популација, што ќе придонесе за развивање на нивната свест за придобивките од демократијата.