Ефективна комуникација за подобра училишна клима
Објавено на: 20.01.2017
На 12 јануари 2017 година во просториите на СОУ Гимназија „Добри Даскалов”Кавадарци, се одржа предавање за наставниците на тема „Ефективна комуникација за поволна училишна клима” од страна на директорката на училиштето Невенка Поп-Ангелова и училишиот психолог Душанка Иванова.
Предавањето беше со цел усовршување на знаењата и вештините за успешна комуникација кај наставниците.
Воведниот збор го имаше директорката Невенка Поп – Ангелова, која истакна дека ефективната комуникација помеѓу вработените во една организација придонесува за реализирање на целите на организацијата, а со тоа и за реализација на нивните лични цели: заработување плата, лична промоција, унапредување, докажување во општеството итн. Ефективната комуникација помеѓу вработените придонесува за самоисполнување на поединците, како главни чинители на процесот на работа, што во крајна линија води до зголемување на продуктивноста на трудот. Во организацијата каде односите помеѓу вработените се блиски и пријателски, каде не постои јаз помеѓу испраќачот на информацијата и примачот на истата, мотивираноста на поединците за извршување на задачите е голема. Во една таква организација паралелно со постоењето на формалната организација, постои и неформална организација, во која секој е близок со секого, каде постојат стабилни пријателски врски кои продолжуваат и надвор од работното време. Секој поединец сака да работи во таква организација, бидејќи чувствува дека припаѓа во неа!
ÂÂÂÂÂ
Потоа, збор зеде психологот Душанка Иванова, која истакна дека за работата во училиштето комуникацијата е од витално зачење, и ги објасни од психолошки аспект сите придобивки од ефективната комуникација меѓу соговорниците. Taa потенцираше дека комуникацијата е „алатка“ која може да ги унапреди, но и да ги разори меѓучовечките релации во училиштето. Психологот ги изнесе и појасни факторите од кои зависи успешната комуникација. Во разговорите многу е важно кои зборови ги употребуваме, кои невербални знаци ги користиме, со каква комуникациска култура располагаме и сл. Понекогаш невербалната порака кажува многу повеќе од зборот… Многу е важно да постои совпаѓање на вербалните и невербалните знаци. Исто така беа појаснети „Јас-пораките“ наспроти „Ти-пораките“, при што беше нагласена користа од нивната употреба.
ÂÂÂÂÂ
Секој од вработените во училиштето треба да се залага за развивање поволна училишна клима. Во една таква констелација на услови, наставниците ќе бидат мотиватори за учениците, пример за тоа како треба да се разговара и со внимателна употреба на зборови ќе ги поттикнуваат на учење за подобрување на постигањата кои треба да соодветствуваат на нивните способности и особини на личноста. Наставниците меѓусебно ќе соработуваат, ќе разменуваат искуства, ќе постои натпреварувачки дух, а сето тоа ќе води до промоција и издигнување на училиштето во кое работат.
Презентацијата од психологот беше завршена со една многу убава мисла:
НАЈГОЛЕМ ПОДАРОК КОЈ МОЖЕМЕ ДА ГО ДОБИЕМЕ ОД БИЛО КОЈА ЛИЧНОСТ Е ДА БИДЕМЕ ВИДЕНИ ОД НЕА, ДА БИДЕМЕ СОСЛУШАНИ ОД НЕА И ДА БИДЕМЕ СФАТЕНИ ОД НЕА (Virginia Satir).
Прилогот го подготви:
Лоска Давчева, професор по економски предмети
Презентацијата можете да ја погледнете на следниот линк.