„Евгениј Онегин“ во изведба на младите гимназијалци
Објавено на: 02.04.2019
Преку музичко-сценска изведба на безвременското дело на Александар Сергеевич Пушкин, дело за љубовта и опсесијата„Евгениј Онегин“, гимназијалците на сцената ја донесоа моќната порака:
Од некои патишта не можеш да побегнеш!
Од некои копнежи не можеш да се спасиш!
Од некои вистини не можеш да се скриеш!
Претставникот на рускиот романтизам, со своето дело кое до денес ги има најуспешните изведби во балетот,театарот,операта…ја разбуди желбата на младите гимназијалци да ја претстават на сцената приказната која со векови наназад никого не остава рамнодушен.
Текот на дејството од деветнаесетиот век во Петроград, на село и во Москва, преку паралелен развој на неколку сижејни линии и испреплетеност на мотиви ја донесе темата за младешката, идеализирана и неостварена љубов на Татјана Ларина кон Евгениј Онегин.
Во улогата на Евгениј Онегин ,претставникот на градската благородничка средина и заводник со сто лица, го видовме маестралниот Стефан Попов.Покрај него заблеска Смиља Бошкова во ликот на неговата партнерка Татјана Ларина, нежната девојка која премногу веруваше во човечноста и искреноста на другите. Ја освоија сцената со својата игра, дикција, љубов кон театарот и исполнителност. Никој од присутните не остана рамнодушен на двете писма кои со векови наназад ги чита светската јавност. Љубовните изјави, копнежот, разочарувањето, болката од невозвратената љубов и плачот од кој не може да се побегне, уште долго ќе бидат врежани во сеќавањата на присутните.
Во улогата на поетот,романтичарскиот занесеник Владимир Ленски го видовме Стојанчо Ванѓелов, а ликот на неговата свршеница Олга Ларина, го толкуваше Кристина Костадинова. Мајката ја толкуваше Ана Пановска, а дадилката Ана Новеска. Кнезот,сопругот на Татјана беше Ѓорѓи Стојанов.Трите нараторки:Андонија Тодорова, Ивана Чиркова и Софија Секуловска од современ аспект не внесоа во приказната и ги поврзаа минатото и сегашноста.Секој го пополни својот дел во мозаикот наречен„Евгениј Онегин“,под менторство на професорите Васка Петкова и Драган Вељковиќ.
Во кино салата во СОУ Гимназија„Добри Даскалов“,по повод денот на жената, беше првата изведба. Две недели подоцна публиката пак имаше можност да ужива во ремек-делото на руската литература кое заврши со зборовите на Татјана Ларина:„ Причината зошто боли толку кога се разделуваме е затоа што нашите души се споени. Можеби секогаш биле и ќе бидат – можеби сме живееле илјадници животи пред овој живот и секогаш сме се наоѓале еден со друг. И можеби секогаш сме биле присилени да се разделиме поради истите причини.“