На 1-ви март 2014 година, во просториите на Меѓународниот Славјански Универзитет се одржа прослава по повод рускиот празник Масленица.
Масленица е рускиот еквивалент на Прочка и традиционално се прославува една недела пред почетокот на големите Велигденски пости. Она што го прави овој празник различен од нашата Прочка е чинот на палење на сламената кукла, со што симболично се испраќа зимата, заедно со сите лоши работи, и се дочекува пролетта, како симбол на среќата и веселбата.
Во склоп на прославата, во амфитеатарот на МСУ, се одржа концерт поветен на руската традиционална музика и танц. Публиката имаше можност да ужива во традиционалните руски песни, отпеани од музичката група составена од руски сонародници кои живеат и работат во Македонија -„Чајка“, како и во прекрасните танци, изведени од средношколците од гимназијата „Добри Даскалов“ – Кавадарци. Одличната костимографија, која е инспирирана од руските традиционални носии, ја надополнуваше целокупната атмосфера и ѝ ја доближи руската култура на македонската публика.