Гимназија „Добри Даскалов“ – 80 години гимназиско образование на македонски јазик

СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ годинава го одбележува големиот јубилеј-80 години гимназиско образование на македонски јазик во Кавадарци, традиција, квалитет и посветеност во воспитно-образовниот процес. По тој повод, во Домот на културата се одржа свечена академија која ја претстави младоста, креативноста и знаењето на нашите ученици.

На почетокот на академијата, директорот м-р Зоран Милевски се обрати пред присутните, истакнувајќи дека нашата гимназија  е симбол на знаења, напредок и вредности кои ги градат младите луѓе. Истакна дека во овие 80 години многу ученици поминаа низ ова училиште и оставија неизбришлива трага во науката, уметноста, спортот, економијата и општествениот живот. Им се заблагодари на сите професори кои  беа и остануваат  столб на гимназијата, која со децении ги насочува младите луѓе кон сигурна иднина. Неговите зборови беа потсетник за важноста на трудот, знаењето и посветеноста кои години наназад ја градат успешната гимназиска приказна.

Централниот дел од свеченоста беше спектакуларниот перформанс „Времеплов“ во кој учествуваа над 120 ученици. Преку музика, игра и драмска изведба, беа оживеани различни временски периоди- едно незаборавно патување низ децениите испреплетено со познати музички хитови  и омилени рефрени. Сцените ја доловија енергијата на младоста, убавината на творештвото и силата на знаењето- вредности што со генерации ја красат гимназијата.

Покрај драмската секција, учество зедоа училишниот хор и оркестар, кои ја воодушевија публиката со своите впечатливи и емоционални изведби.

Прошетката низ времињата донесе спомени, но и силна порака дека секоја генерација ја пее својата песна, оставајќи личен белег низ времињата. Учениците ја покажаа својата талентираност, организираност и љубов кон уметноста. Нивната посветеност го претвори целиот настан во вистински празник на младоста. Овој авторски проект беше реализиран под менторство на  професорите Васка Петкова и Драган Вељковиќ со поддршка на професорите Гордана Еленова и Кочо Кочов. Кореографијата ја изработи Фросина Василев. Гимназијалците создадоа спектакуларен настан за паметење, како што доликува на една институција со традиција, квалитет и безброј успешни приказни.

Присутните имаа можност да ја погледнат изложбата „Добри Даскалов и неговото време“ иницирана и реализирана од ученичкиот совет, под менторство на професорите Наташа Матакова и Кирил Мукаетов.