Гимназијата потпиша Меморандум за соработка со Хајделберг Факултет во Скопје

На иницијатива за унапредување на образовниот процес и проширување на можностите за учениците, Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци потпиша Меморандум за соработка со Приватната високообразовна установа Висока стручна школа „Хајделберг Факултет во Скопје“. Соработката беше официјализирана со потписи од директорот на гимназијата, м-р Зоран Милевски и претставници на факултетот.

Меморандумот претставува значаен чекор кон поврзување на средното и високото образование, а директорот м-р Зоран Милевски истакна дека ваквите партнерства се клучни за отворање нови хоризонти пред учениците и подготовка за нивната идна академска и професионална надградба.

Целта на овој Меморандум е воспоставување на долгорочна и плодна соработка во областа на образованието преку размена на знаења, искуства и едукативни активности од заеднички интерес. Двете институции се согласуваат дека преку заеднички напори можат да придонесат кон создавање на поволна средина за развој на младите и нивна подготовка за високото образование и пазарот на трудот.

Предвидени се повеќе форми на соработка, меѓу кои: стручни предавања од професори на Хајделберг Факултетот, практикантства за учениците во компании членки на нивниот Бизнис совет и заеднички едукативни проекти. Овие активности ќе им овозможат на учениците подобро разбирање на современите образовни и професионални трендови.

Со потпишувањето на овој Меморандум, Гимназија „Добри Даскалов“ уште еднаш го потврдува своето залагање за квалитетно образование, отворајќи нови можности за своите ученици и поставувајќи темели за конструктивна и продуктивна соработка со високото образование.