Денес, 20 септември 2024 година, официјално беа потпишани договорите помеѓу партнер-училиштата и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) со што нашето училиште стана дел од семејството на Суперучилишта. Оваа година беа одобрени 45 проекти од целиот регион, а шемата за размена на суперучилишта е регионална шема за размена на средни училишта која има за цел да ги поддржи процесите за градење мир и помирување во Западен Балкан преку партнерства помеѓу училишта од шесте држави од Западен Балкан: Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и РС Македонија. Овие училишни партнерства, се формираат помеѓу две средни училишта од две различни договорни страни на RYCO. Програмата за суперучилишта има за цел да понуди можности за регионална соработка и стекнување меѓукултурни компетенции како основа за напорите за помирување и градење мир во регионот.
Нашиот проект под наслов Stand up – don’t stand by (Спротивстави се – не стој настрана) има за цел преку работилници да ги опреми учениците со алатки и начини за справување со насилство (булинг) и говор на омраза, со крајна цел да се обезбеди безбедна училишна средина за сите ученици. Самата идеја потекна од учениците кои на анонимна анкета се изјаснија за најчестите проблеми со кои се соочуваат во секојдневието. Проектот ќе се имплементира во текот на учебната 2024/2025 гоница. Вкупно 14 ученици (7 машки и 7 женски) под водство на професорките Сања Илова и Стефанија Костадинова ќе бидат носители на активностите и ќе ја вршат дисеминацијата по спроведување на работилниците во текот на двете еднонеделни размени (една во нашето училиште и една во партнерското училиште – Гимназија „Бранислав Петронијевиќ“ од Уб, Србија). При изборот на учесници се дава предност на деца кои доаѓаат од дисфункционални семејства, еднородителски семејства, деца на разведени родители, социјално-ранливи категории на деца, деца со попреченост или деца кои претходно немале можност да патуваат/учествуваат на проекти/размени. Притоа учениците треба да го владеат англискиот јазик, бидејќи тој е официјалниот јазик за комуникација на проектот. Планирана е и соработка со останатите училишта во градот, медиумите, локалната заедница и бизнис секторот во градот. Се надеваме на плодна соработка.
Линк кон МОН: Средношколци од 15 средни училишта ќе се дружат со ученици од партнерски училишта од Западен Балкан преку Проектот за суперучилишта