Нашите ученици освоија I место на хакатонот на УГД за најдобра средношколска апликација


Објавено на: 28.03.2018

Факултетот за информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“ успешно го организираше вториот Хакатон во периодот од 23 – 24 март. На Хакатонот учество земаа седум тима, од кои три од студенти на Факултетот за информатика и четири од средните училишта од Кочани, Крива Паланка, Штип и Кавадарци. Од нашето училиште учество земаа Страшо Наумов IV-1 клас, Виктор Кузманов IV-3 клас и Саво Трајков IV-3 клас. Учесниците на овој маратон по програмирање работеа два дена (23 и 24 март), на апликации на тема „Креативни решенија за здравството“, кои треба да им помогнат на здравствените работници во вршењето на нивната работа, а да им помогнат и на пациентите, на старите и изнемоштени лица, на децата со посебни потреби и сл.

29693575 1611914595530181 668344752 o

На Хакатонот поканети беа неколку претставници од Македонските софтверски компании, кои заедно со професорите од факултетот ги оценуваа изработените апликации. Најпрвин беа презентирани апликациите кои ги подготвија тимовите, по што беа доделени наградите на најуспешните тимови студенти и средношколци од Хакатонот на УГД 2018. Прва награда за најдобра средношколска апликација од 20 000 денари за тимот Code X Team, во состав: Виктор Кузманов, Страшо Наумов и Саво Трајков од нашата гимназија за изработената апликација “Дислексикон”, наменета за децата со говорни маани.

29748084 1611914602196847 2094321440 o

Прва награда за најдобра студентска апликација од 50 000 денари за тимот Ground Zero од Факултет за информатика, УГД за апликацијата “Капка живот”. Награда за оригинална идеја од 5 000 денари за тимот 404 од Факултет за информатика, УГД за апликацијата “eLab”. Деканката на Факултет за информатика, проф. д-р Цвета Мартиновска Банде додели и благодарници за поддршка на Хакатонот на УГД 2018 на фирмите CODEX Computers, Babylon Software Solution и TECHKO NET, како и сертификати за успешно учество на сите учесници. Им честитаме на учениците од нашата гимназија за освоената прва награда и им посакуваме уште многу вакви награди и успеси во понатамошното студирање.

29745913 1611914812196826 443828904 n-min