Освоена I и III награда „Ацо Караманов“ на XXII Државен натпревар по македонски јазик и литература
Објавено на: 31.05.2010
Тригодишната традиција на успеси на учениците од гимназијата „Добри Даскалов” на Државниот натпревар по македонски јазик и литература за учениците од средно образование продолжи и годинава. Имено, веќе четири години по ред средношколците од II и III година успеваат да се пласиираат меѓу првите три места во различни категории на натпреварот.
Во рамките на натпреварот по македонски јазик и литература е и литературниот конкурс „Ацо Караманов”. На конкурсот, учениците од III година имаат шанса преку пишување есеи да ги изразат своите способности во областа на јазикот или литературата. Оваа година му беше посветена на „големиот мајстор на перото”, Славко Јаневски. Гимназијалците од Кавадарци повторно успеаа да постигнат високи резултати, и тоа во две категории. Ученичката Невенка Ридова, под менторство на професорот по македоснки јазик и литература, Кочо Кочов, ја освои првата награда од јазичната тема – „Лексиката во прозното творештво на Славко Јаневски (црковнословенизми, архазими, неологизми)”. На ученичката Верица Ристовска, исто така по менторство на проф. Кочо Кочов, и припадна третото место за литературната тема – „Фантастичниот свет на Славко Јаневски”.
Со ова, гимназијата „Добри Даскалов”, уште еднаш ја докажа високата подготвеност на професорите и учениците и одличната взаемна соработка. Се надеваме дека и идните генерации ќе продолжат по овој пат, а името на гимназијата „Добри Даскалов” ќе се здобие со уште поголем углед.