III работилница во рамките на Еразмус+ проектот RAINBOW
Објавено на: 21.03.2019
Професори и ученици од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци учествуваа на III работилница во рамките на Еразмус+ проектот RAINBOW- Right Attitude In Building Our World која се одржа во Вилниус, Литванија во периодот од 10.-17. Март 2019 г. Таму учесниците се запознаа со Литванскиот образовен систем, култура, историја и традиција. Македонските ученици Славица Касапинова II-5, Рената Попова II-5 и Миле Пеливанов III-3 заедно со учениците од партнерските училишта од Литванија, Бугарија, Турција, Италија, Шпанија и Романија ги претставија своите презентации за социјална инклузија на тема „Позитивни социјални аспекти во својата земја“. Професорите Христинка Косовска – проф. по латински јазик, Кочо Кочов – проф. по македонски јазик и Блашко Клинчаров – проф. по спорт присуствуваа на интернационална конференција за неформални методи и техники каде презентираа за „Позитивните ефекти од драмските изведби како неформални активности“. Најголем дел од работилниците и Конференцијата се одржаа во Едукативниот центар Сантарискес, кој претставува единствен едукативен центар во Литванија којшто е сместен во државна болница за педијатрија. Таму на учесниците им беше претставена програмата и ресурсите на едукативниот центар.
Во програмата за гостите од земјите – партнери во проектот беше закажана посета на Парламентот во Литванија. Таму учесниците имаа можност да присуствуваат на пленарна сесија на Литванскиот парламент и претставување на работата и зградата на истиот. Исто така присуствуваа и на Собраниска седница во собраниската сала. Учениците и професорите остварија средба со Литванскиот пратеник и претседател на Комисијата за образование и наука од кој се запознаа подетално за Литванскиот образовен систем.
Работилниците продолжија во Музејот – Centre for Civil Education каде со мултимедијален и интерактивен пристап беше претставена историјата и економијата на Литванија. Имено, овој Музеј е сместен во Резиденцијата на Претседателот на Литванија.
Во програмата беше реализирана научна посета и на областа Друскининкаи каде се наоѓаат извори на минерална вода. Таму учесниците имаа работилица за 4 елементи (вода, воздух, сонце и земја) со еколошка интеграција.
Исто така, таму учесниците се запознаа со делата на ликовниот уметник М.К. Чурлионис, во чиј музеј учениците имаа креативна работилница.
Беа посетени и поранешните Литваниски главни градови Кернаве и Тракаи, каде учесниците имаа работилници во Замокот во Тракаи којшто е изграден во XIV век на остров во езерото Галве и археолошкиот локалитет и природен и културен резерват во Кернаве. Работилниците беа на теми од географија, историја, архитектура и уметност.