Имплементирање на програмата за советување на родители
Објавено на: 18.03.2012
Во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци од 24 февруари мошне успешно започна реализирањето на Програмата за советувања на родители којашто е законска обврска од почетокот на календарската година, односно од почетокот на второто полугодие на учебната 2011-2012 година.
Со постапката за Советување на родителите на Наставнички совет навремено беа запознати раководителите на паралелките и сите наставниците од училишниот психолог Душанка Иванова, којашто ќе ја спроведува ова обврска. За појасен и побрз преглед на основите по кои се повикуваат родителите на советување како и за задачите и обврските кои произлегуваат од законските прописи беше изготвен и графички приказ, а истиот беше и е објавен на огласната табла за наставниците. Постапкатата за советување на родители графички претставена заинтересираните може да ја погледаат на веб – страницата на училиштето овде.
Всушност, на советување се повикуваат родителите/старателите ако:
● ученикот има направено повеќе од 10 неоправдани или над 100 оправдани изостаноци,
● ученикот има негативна оценка по три или повеќе предмети,
● ученикот несоодветно се однесува во училиштето (асоцијално, антисоцијално или неетички).
Советувањето има главно две цели:
1. Запознавање на родителите за значењето на проблемот што се јавил кај нивните деца (нередовно посетување на настава, за намалениот или слабиот успех во наставата и/или несоодветното однесување).
2. Едуцирање на родителите за начините со кои може да се подобрат вештините во воспитувањето на учениците и да се унапредат односите во семејството, со цел учениците поуспешно да се справуваат со разните училишни тешкотии и животни предизвици.
За состојбата до крајот на првото полугодие, беа поканети и учествуваа на советодавните средби 27 родители, на ученици кои имаат повеќе од 10 неоправдани изостаноци, односно 100 оправдани изостаноци
Во однос на критериумот намален успех, односно ученици со негативна оценка по три или повеќе предмети на двете средби на советување беа поканети и учествуваа 34 родители.
Имајќи го предвид бројот од 942 ученици во нашето училиште на крајот од првото полугодие, наведениот број за нередовност и неуспех и не е голем, но наша интенција е да биде што е можно поминимален. Резултатите кои ги очекуваме ќе треба да ги констатираме наредниот период.
Училишниот психолог Душанка Иванова е со позитивни впечатоци од постигнатата атмосфера и однесувањето на родителите на досега одржаните средби за советување на родители и со голем оптимизам очекува реални резултати. Ако не кај сите, кај добар дел од учениците верува дека ке има подобрување во редовноста и училишните постигањата.
Свесна е дека кај некои родители со поминувањето на прагот на училиштето ќе се создаде одреден степен на вознемиреност, сепак добар дел од родителите на средбите искрено споделуваат мислења, искуства и предлози во однос на проблематиката за која се разговарало.
Она што радува и охрабрува секако се тврдењата на добар дел од родителите кои истакнаваат дека на средбите имале можност да слушнат корисни содржини, информации и пораки. Училишниот психолог исто така очекува рамислувањата од овој тип да бидат поприсутни, побројни и јавно изнесени на наредните средби и со други групи родители.
Верува дека кај многу родители оваа законска обврска ќе влијае врз свеста за потребата од унапредување на родителските вештини кои секако дека позитивно би влијаеле врз релациите со нивните деца и квалитетот на нивното живеење.
Советувањето или размената на мислења на сите нам понекогаш ни се потребни. Убаво е кога се размислува и се признава постоењето на проблемот, но во исто време и се верува дека постојат решенија. Негирањето на проблемите или нивното игнорирање не ги решава истите.
Нашето училиште очекува позитивни резултати од спроведувањето на Програмата за советување на родители на ученици.