„Индустријата во Кавадарци“ – Реализиран уште еден проект на нашето училиште во соработка со шведското училиште Курт Николин


Објавено на: 28.05.2016

Гимназијата „Добри Даскалов“ заедно со шведското училиште Курт Николин реализираше уште еден проект „Индустријата во Кавадарци“. Активностите од проектот се одвиваа во периодот од 25 април 2016 до 13 мај 2016 година и во истиот учествуваа вкупно 70 ученици од кои половина беа од нашето училиште, а другата половина ученици од училиштето Курт Николин од Шведска кои престојуваа по втор пат во нашиот град и заедно со нашето училиште реализраа проект од Erasmus+ програмата.

Учениците заедно со своите ментори – професори од двете училишта, имаа за цел да креираат кратки интервјуа со претставници од компании од регионот и да изготват кратки видеа за историјатот за фирмата, основни информации за фирмата, работни места за аплицирање во фирмата, образование и работно искуство што го бара фирмата, можности за обезбедување кариера во фирмата и секако интервју со вработен во фирмата.

Учениците и професорите ја имаа целосната поддршка од директорката на нашата гимназија г-ѓа Невенка Поп-Ангелова и од директорот на гимназијата Курт Николин г-дин Андерс Содергрен.

FB IMG 1463084756710

Учениците беа поделени во 8 работни тимови. Тимовите беа со мешан состав, односно формирани со ученици од Македонија и Шведска. Согласно проектот се посетија 8 компании, а еден од тимовите изработи презентација и за нашето училиште.

На 12 мај 2016 година се одржа и финалниот дел од проектот, односно прикажување на сите снимени филмови за команиите од градот и околината. На крајот од оваа програма следуваше заеднички ручек и дружење и доделување на сертификати на сите учесници во проектот.

FB IMG 1463084784398

Покрај работните задачи, учениците и професорите беа присутни и на некои од наставните часови во нашето училиште со што се оствари и размената на искуства и идеи од воспитно-образовниот процес.

Со проектот се овозможи стекнување на позитивни искуства, едукација, тимска работа, подобрување на комуникациските вештини и соработка, запознавање со различните култури, правилно насочување во понатамошното образование и идната професија, размена на идеи и искуства од воспитно-образовниот процес, афирмирање на нашето училиште, град и држава.

FB IMG 1463084786715

Соработката со ова училиште продолжува и понатаму со проектот „Интегрирање на електронското учење во училниците“ – iOERc, проект, исто така, од програмата на Erasmus+ за стратегиско партнерство и соработка за иновација и размена на добри практики. Повеќе информации за овој проект може да се погледни на следниот линк.

Презентацијата за гимназијата „Добри Даскалов“ која што ја изработи еден од тимовите може да се погледни во продолжение.

{qtube vid:=Myk8nkdC2xM}