Италија – средновековен споменик со современ сјај
Објавено на: 30.05.2010
Сите патишта водат кон Рим. Со оваа мисла и ние нестрпливо го очекуваме мигот кога ќе започне и нашето патување.
Утрото на тргнувањето беше облачно и тмурно. Седнати во автобусот и веќе видно расположени, откако почувствувавме како автобусот се движи. Целиот ден времето беше матно и облачно. Паузите кои ги правевме беа кратки поради дождот кој непрестајно врнеше. И покрај тоа, атмосферата во автобусот беше постојано весела. Веќе со грла засипнати од пеење, почувствувавме како падна ноќта. Утрото се разбудивме на италијански автопат.
Првите впечатоци почнуваат да се трупаат уште при самото преминување на границата. Море од светилки и булевари што водат до срцето на земјата – Рим. Тоа беше нашиот прв поглед врз вечната земја.
Првите впечатоци почнуваат да се трупаат уште при самото преминување на границата. Море од светилки и булевари што водат до срцето на земјата – Рим. Тоа беше нашиот прв поглед врз вечната земја.
Околу 10.00 часот пристигнавме во предградијата на Рим, каде застанавме да се освежиме и да каснеме нешто. Веќе во 12.00 часот бевме пред огромниот колосеум кој не вчудоневиди со својата импозантност. Веднаш потоа ја посетивме „Fontana di Trevi” каде секој од нас ја замисли својата желба фрлајќи паричка. За да се фрли паричката, беше потребно туркање кое траеше околу десетина минути, а патот кој требаше да се помине изнесуваше два метри.Секој од Кинезите кои се чини го зазеле Рим, како да се трудеше да ви го затвори патот. По фонтаната посетивме уште многу прекрасни знаменитости, а вечерта, воодушевени од целата таа култура и уметност, од целата антика и убавина на “Вечниот Град” пристигнавме во хотелот кој потсетуваше на самиот Рим. Стар, во антички стил, отмен, огромен и со оброци кои ви се чини не би ја нахраниле ни вашата златна рипка. Изнемоштени и со извонредни впечатоци, отидовме на спиење.
Утредента веднаш по појадокот заминавме во Ватикан. Внатре влеговме изнемоштени од редицата која беше час и половина долга, но уште на самиот влез сфативме дека се исплатеше. По формалностите кои моравме да ги поминеме, водичот не поведе низ ватиканските музеи. А таму секој од нас го доживеа духот на антиката како што никогаш повеќе нема да го доживее. Таму секој од нас го запозна чувството на наеженост, и чувството да се остане без зборови. Катедралата Св. Петар, плоштадот Св. Павле, Систинската капела… Нивното постоење сведочеше за целата таа уметност, наука, сиот труд и желба вложени во нив. Гледајќи ги, пред нашите очи се редеа папи, тие зборуваа, пред нашите очи се појавуваше Микеланџело со својата четкичка, со својот тежок карактер како вика на своите помошници за сè да биде совршено. На излезот бевме како опијанети од оваа убавина, а сè што подоцна видовме, колку и да беше прекрасно, како да го губеше својот сјај, топејќи се пред помислата на Ватикан.
Стари тврдини, споменици и цркви ја исполнуваат земјата. Вистински трезор на археолошко, историско и културно богатство кое носи белег од најстарите цивилизации на светот. Историјата и митологијата се толку испреплетени што навистина на туристите им остава незаборавни спомени.
Вечерта чувствувавме како да сме зеле дел од таа уметност, како да сме ја присвоиле. Чувствувавме како да сме побогати, поискусни. Заспавме со помислата дека го напуштаме Вечниот Град, запознавајќи само мал дел од она што има да го покаже.
Следното утро тргнавме во Верона. По исцрпниот, долг пат, стигнавме и веднаш се упативме кон куќата на Јулија. Овде научивме за љубовта, за нејзината сила и моќ. Скоро секој од нас го закачи своето и името на саканиот на ѕидот од куќата. За многу кратко време го напуштивме и градот на љубовта и отидовме во Lido di Jesolo, или во превод, остров на комарците. Се сместивме во собите, набрзина се истуширавме и отидовме на плажата да го вдишиме мирисот на морето. По многу кратко време, истиот тој мирис не испрати на спиење.
/Romeo and Juliet Wikipedia/
Утредента рано, веднаш по појадокот, не чекаше Венеција. До таму патувавме со брод, а кога пристигнавме веднаш го почувствувавме препознатливиот мирис на алги и ја слушнавме музиката толку препознатлива за овој град познат по раскошните маски. Мостот на воздишките гледаше во нас од пристаништето криејќи ги сите тие болки, сите тие последни воздишки. Потоа се упативме кон плоштадот Св. Марко кој ја имаше онаа стара убавина, оној дух и шарм на древното. Одејќи понатаму, навлегувајќи во тесните улички, гледајќи ги градбите поврзани со мовчиња, каналот и романтичните гондоли кои поминуваа покрај нас, го вдишивме вистинскиот дух на Венеција во полн ек. Стоејќи покрај каналот, можевме јасно да ги видиме луѓето кои ги навлекувале своите маски и се препуштале на страста, на алкохолот, на гревот…
/Venezia Wikipedia/
По заминувањето од Венеција, одвај чекавме да стигнеме во хотелот. Веднаш ги земавме костимите за капење и се препуштивме на сонцето и морето. Водата беше одлична, а дружењето уште подобро, па оваа последна вечер ја искористивме да ги сумираме впечатоците и заедно да го преболиме заминувањето од ова волшебно место.
Наредното утро, се одјавивме од хотелот во 10.00 часот. Со срца исполнети со уметност, тела искасани од комарците од кои се чини немаше спас и тажни лица, се качивме во автобусот и заминавме дома.
Средновековните ѕидини, живописните споменици, преубавите плажи, традицијата и кулинарските специјалитети се главните одлики на земјата на вечноста – Италија. Неповторлив спој на природни убавини, древната митологија, фасцинантно минато и богата историја.
Патувањето не беше исто на враќање, сите веднаш заспавме и како да немавме сила за забава, како Италија да ја извлече од нас енергијата, како нашите срца да ги оставивме на улиците кои го извикуваат името на уметноста.