Кренат глас за поубав свет за сите нас


Објавено на: 06.11.2019

Постојат две вештини кои можат да го издигнат човекот до највисок степен на чествување.Првата е вештината на војсководачот,а втората е вештината на добриот беседник“- Цицерон

Со овие зборови младите гимназијалци го започнаа ораторството под мото „За овој свет“, кое се одржа на 25 октомври по повод Денот на европската граѓанска правда.Во кино-салата на СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ пред присутните, учениците од втора и трета година  говореа за животот, за љубовта, за правата и правдата, за човекот…. за светот.Гласно го поставија прашањето што е тоа свет, каков е светот во кој живееме и во каков свет сакаме да живееме.Сите заедно го кренаа својот глас за овој свет да стане поубаво место за сите нас.Преку моќта на говорот и одличните авторски текстови  покажаа дека пред негативните појави во општеството не треба се премолчува, туку да се говори и да се допре до свеста на луѓето.Говореа за поубав свет во кој ќе нема неправди, свет во кој ќе има мир и топол дом за сите…. сонуваа за свет без војни, без насилства врз жените, без предрасуди.Свет во кој љубовта ќе ја замени потребата од материјалните нешта, каде семејството е основната клетка од која ќе растат здрави индивидуи.Посакаа барем за миг да погледнеме низ очите нивни и да го видиме светот многу поубав и посреќен.Преку стиховите на песната „За овој свет“ од Тоше Проески, ги испишаа своите пораки за похуман свет, за овој свет еден и единствен за кој треба се да сториме затоа што само тој го имаме.

Ученици кои зедоа учество во овогодинешното ораторство, кое по вторпат се одржува во нашето училиште и станува традиционално се: Јована Белевска, Симон Темков, Благица Дончева, Кристина Ангеловска, Мартина Ангелова,Татјана Манева, Душица Колева, Ана Новеска, Андреј Пејовски, Ивана Чиркова, Смиља Бошкова, Стојанче Вангелов, Софија Секуловска, Александар Стојанов и Мартин Гогов.Учениците работеа под менторство на проф.Душанка Иванова и проф.Васка Петкова.