Литературен перформанс „Слушни ја мојата приказна“ – кога литературата зборува, емоциите добиваат нова димензија

 По повод Европскиот ден на јазиците, во НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип се одржа литературниот перформанс „Слушни ја мојата приказна“, заеднички проект на Библиотека „Феткин“ – Кавадарци и Гимназија „Добри Даскалов“.По неколку успешни изведби во Кавадарци и Скопје, гимназијалците повторно ги донесоа силните емоции и го заслужија громогласниот аплауз.Литературата секогаш наоѓа начин да не потсети на својата моќ.

Штипската публика имаше можност да ужива во адаптации на седум литературни дела од светски и македонски класици. Гимназијалците во улогите на ликовите од безвременските класици, ги оживеаја нивните мисли и пораки, носејќи ги во современоста. Вечните човечки прашања – за смислата на животот, љубовта, општеството, целта и моралот – повторно одекнаа на сцената, потсетувајќи дека тие прашања ја придружуваат човечката историја низ сите времиња.Драмската секција на гимназијата ги додели улогите на Ивана Секуловска, Јован Илов, Илина Костова, Лилјана Лазова, Ристе Стојанов, Цветанка Ристовска, ТамараТанчева, Александар Стојков, Лара Росоманска, Васил Трајков, Ана Коцева, Елена Илова, Трајана-Ана Милкова, Петар Петков, Мартина Илиевска, Дијана Мишова, Марија Вчкова и како техничка поддршка Огнен Таневски.

Кога литературата зборува, емоциите добиваат нова димензија. Ликовите од книгите продолжуваат да живеат преку нашите постапки, а нивните пораки, иако создадени во други времиња, и денес остануваат актуелни и инспиративни.

Публиката уште еднаш ја почувствува силата на пишаниот збор – збор што учи како да се слуша, чувствува и разбира светот околу нас.