Меѓународна соработка со Сандански-Бугарија


Објавено на: 16.10.2010

Во Сандански – Бугарија, на 9 октомври по XV пат традиционално се одржа меѓународен атлетски крос под мотото „Не на дрогата!“

По повод оваа традиционална манифестација во Бигарија за борбата против дрогата, секоја година редовни гости се ученици од повеќе македонските гимназии со кои соработува санданската гимназија.

Megun-sorabotka-Sandanski_1

На 8. октомври, 8 ученици од нашата гимназија се подготвивме за патување. Расположени од сончевото време и топлата, пријателска атмосфера во автобусот кој го делевме со нашите врсници, ученици од Крушево и Битола, тргнавме во попладневните часови. На наша несреќа или среќа во Неготино направивме пауза која траеше цели 4 часа, поради дефект на автобусот. Меѓутоа тоа не беше причина за загриженост и вознемиреност, напротив ова непријатно изненадување ни овозможи да се запознаеме подобро. По долгата пауза, најпосле тргнавме и во вечерните часови пристигнавме до планираната дестинација и најпрво се сместивме во хотелот „Свети Никола“ во Бугарија, каде што бевме љубезно пречекани од страна на домаќините.

Megun-sorabotka-Sandanski_2

Внатре не дочека пријатен амбиент во кој уживавме за време на вкусната вечера. Горди на нашиот македонски фолклор, вечерата ја зачинивме изведувајќи го македонското оро, придружувани од музичка група, која искусно ги следеше нашите чекори. Така задоволни од вечерата, се упативме во хотелот каде што бевме сместени. Сите исцрпени од патот отидовме на спиење.

Megun-sorabotka-Sandanski_3

Утредента спортската манифестација започна во 10 часот. Традиционално беше отворена од градоначалникот на градот, додека почесен збор земаа и други поважни личности од општествениот живот од градот. Во дворот пред хотелот глетката беше восхитувачка. Безброј деца од сите возрасти, предводени од своите ментори, родители, гости од странство и од љубопитни минувачи. Сите како во кошница се собравме да ја подржиме кампањата против дрогата. По патека со должина од 2010 метри трчаа стотици деца и средношколци од Бугарија, Македонија, Германија и Романија. Бодрени од аплаузот на огромната публика успешно ја завршивме трката. Победниците заслужено се закитија со медал. Учесниците од Македонија успеаја да се изборат за првото и второто место во женска конкуренција, додека во машка конкуренција се задоволивме со трето место.

 

 

Megun-sorabotka-Sandanski_4

По свеченото затворање на манифестацијата, остатокот од денот ни беше без обврски, па решивме да го поминеме разгледувајќи го градот. Воодушевени од природните убавини, раскошните паркови со многубројни фонтани, фасцинирани од прекрасните хотели, шетавме по градот познат по многубројните геотермални извори.

Megun-sorabotka-Sandanski_6

Река од туристи по улиците на градот ги исполнуваа редиците продавници, занесено барајќи сувенири. Денот ни помина многу брзо и ние сите со нетрпение се подготвувавме за вечерното излегување коешто беше испланирано со посета на дискотека. Наместо тоа сите кои бевме во хотелот се организиравме и ја поминавме вечерта надвор, распеани и придружувани од звуците на гитарата. Се забавуваме меѓусебно другарувајќи и запознавајќи се низ песна и смеа. Утредента сите задоволни, но и помалку тажни што заврши нашето патешествие сеуште се обидувавме да си ги средиме впечатоците од ова прекрасно искуство кое долго ќе ни остане во сеќавање. Нашата следна дестинација беше Мелник, најмалата општина во Бугарија, со околу 200 жители. Овдека силен впечаток ни оставија таканаречените пирамиди од песок кои го опкружуваа ова планинско местенце. Тука седнавме да се одмориме во една од многубројните меани каде бевме послужени со ручек. Повторно ни беше дадена можност да го разгледаме ова место, познато како центар на производство и дегустација на вино, но и како познато туристичко место. Во разгледување времето брзо ни помина. Среќни и задоволни, воодушевени, но и помалку уморни си тргнавме накај дома, кон нашата Македонија.

       Megun-sorabotka-Sandanski_5        Megun-sorabotka-Sandanski_7