Migovi za pametenje

Мигови за паметење

Најдобрите и најубавите нешта во животот не можат да се видат, ниту пак да се допрат…Мора да се почувствуваат со срцето.

Учениците од драмската секција од Гимназија„Добри Даскалов“  во своите срца почувствуваа една од  најголемите  вредности  на  животот-  БЛАГОДАРНОСТА.

Како награда за учеството во перформансот од завршната сцена на карневалското дефиле по повод манифестацијата „Тиквешки гроздобер“,но и други успешни проекти со кои достојно го претставуваат училиштето, на 24.10.2013 година(четврток) 50 ученици ја проследија театарската претстава “Свадбата на Фигаро“ во  МНТ.

Migovi za pametenje

 

Следењето на професионална театарска претстава е вистинско задоволство за учениците кои ги прават своите први средношколски чекори во театарската уметност. Помислата дека одблиску ќе ги видат нивните идоли-актерите кои на сцената ќе го покажат вистинското мајсторство на оваа професија,само ја зголемуваше возбудата во текот на патувањето.

Комедијата е  во режија на Леван Цуладзе, работена по текст на Пјер-Огистен Карон. Присутните беа воодушевени  следејќи ја одличната игра на актерскиот тим составен од Сашко Коцев во улога на Фигаро, Нино Леви – грофот, Николина Кујача – грофицата, Марија Новак- Марчелина,Томе Витанов – Дон Бартоло… Проследија  класичен вид на хумор и  претстава во која актерите имаа ретко задоволство да се поиграат со интерпретација на жанрот и да експериментираат.

  Спуштањето на завесата и бурниот аплауз беше знак за огромно задоволство кај младата публика и верба дека можеби еден ден некој од нив ќе се најде на местото на Фигаро,грофот,Сузана…..

Умот се збогатува со примање,а срцето со давање.Убавината на младешкото срце се состои во тоа што секогаш нескриено ги искажува своите емоции.По завршувањето на претставата учениците не ја криеја среќата од добиената награда. Потенцираа дека само големите луѓе знаат да го почитуваат трудот на другите, да подадат рака и искрено да честитаат на успешно завршените проекти зад кои стојат часови макотрпна работа.Благодарноста беше изразена кон директорката на гимназијата Невенка Поп-Ангелова,која го следи секој нивен труд и отворено ги поддржува во сите нивни подвизи и градоначалникот Александар Панов кој верува дека овие млади гимназијалци се иднината на Кавадарци.