СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ на 26.03.2014 година ги отвори вратите за најдобрите, најнадежните, најталентираните рецитатори, вокални интерпретатори и презентери од основните училишта од Кавадарци и регионот. Во врска со распишаниот конкурс, се одржа аудиција на која присуствуваа околу 200 ученици. Домаќините беа пријатно изненадени од големиот интерес и борбениот дух на своите идни ученици. Директорката на училиштето, г-ѓа Невенка Поп-Ангелова не криејќи го задоволството од заинтересираноста и соработката со сите основни училишта, ги поздрави присутните истакнувајќи ја традицијата на гимназијата, успешноста во многу полиња и надежта дека сите овие основци од наредната учебна година ќе ги гледа како идни гимназијалци.
Под слоганот„,Бидете секогаш со најдобрите“ започнаа трите аудиции: најдобар рецитатор, најдобар вокален интерпретатор и најдобра презентација на тема: Промоција на производ.
На аудицијата за најдобар рецитатор зедоа учество 96 ученици(од 9 основни училишта) кои заедно со своите ментори имаа задача да ја подготват задолжителната песна за сите учесници “Петто писмо” од Петре М. Андреевски. Комисијата составена од професорите по македонски јазик и литература:Кочо Кочов,Васка Петкова и Гордана Еленова, според однапред утврдени правила и критериуми одлучи во вториот круг да влезат 20 најуспешни рецитатори.Учениците кои влегоа во потесниот круг на аудицијата своето натпреварување го продолжија со песната „Ѕвона“од поетот Матеја Матевски, која им беше доделена пред почетокот на вториот круг.По интерпретациите на песната од страна на учениците комисијата издвои 12 рецитатори како најдобри во оваа категорија. Учениците во третиот круг се претставија со изведба на песната„Раѓање на зборот“ од Ацо Шопов.
На аудицијата за најдобар вокален интерпретатор зедоа учество 50 ученици(од 11 основни училишта).Секој од кандидатите се претстави со по една песна од забавната, поп или рок музика, од домашен или странски изведувач.Натпреварувачите настапија со инструментална подлога во вид на матрица, гитарска и пијано придружба.Пријавените ученици ги покажаа своите вокални можности пред комисијата составена од професорите по музичка уметност:Драган Вељковиќ и Златко Смилевски.
Во категорија најдобра Power Point или Impress презентација на тема:Промоција на производ, беа пристигнати 17 презентации од 7 училишта со вкупно 33 пријавени ученици.Комисијата составена од професори по економски предмети и информатика:Лоска Давчева,Костадинчо Петров и Благородна Лазова , истакна дека учениците се претставиле со успешни презентации во кои биле почитувани сите критериуми за изработка.Покрај желбата кај учениците се забележа и сигурност во настапот, флуентност во изразувањето и разбирање за тоа што е предмет на нивната презентација.Со тоа во целост беше постигната целта на организирањето на овој натпревар – развивање вештини и знаења кај учениците за дизајнирање и изработка на Power Point или Impress презентација, како и развивање маркетинг способности и вештини.
СОУ Гимназија„Добри даскалов“ уште еднаш јавно им искажува благодарност на сите ментори кои ги поттикнаа и поддржаа своите ученици на патот кон остварување на успехот.Ставот на сите комисии беше дека сите учесници трудољубиво работеле во координација со своите ментори кои откривајќи нови таленти само им помагаат и на овој начин ја поттикнуваат соработката меѓу основните и средните училишта.Од одржаната аудиција видовме дека овие идни ученици успешно ќе ја продолжат традицијата на СОУ Гимназија„Добри даскалов“ да биде лидер во регионот.
Целта на овој проект е СОУ Гимназија„Добри Даскалов“ на пошироката јавност да и ги претстави најдобрите, најталентираните и најуспешните основци.Да им се овозможи јавен настап на овие ученици преку кој пошироката публика ќе го поздрави нивниот талент и трудољубивост.За таа цел, по повод чествувањето на словенските просветители,во месец мај во Домот на културата„Иван Мазов-Климе“ најдобрите ученици заедно со своите ментори ќе бидат повикани да земат активно учество во централната манифестација каде ќе бидат доделени наградите за најдобар рецитатор,најдобар вокален интерпретатор и најуспешна презентација.Преку изведбата на музичко-сценски перформанс подготвен од професори од гимназијата, ќе се спојат успешните приказни на учениците од гимназијата со нивните наследници,учениците од основните училишта.Да бидеме присутни на оваа манифестација и уште еднаш да ги поздравиме најуспешните меѓу успешните.