Национален натпревар „Европски квиз на пари” 2024 година

Националниот натпревар „Европски квиз на пари” се одржа на 18 март 2024 година, онлајн, преку апликациите Webex и Kahoot, каде учество земаа вкупно 85 основни и средни училишта од Република Северна Македонија, а петте најдобри тимови од државата го продолжија натпреварувањето во втор круг, на 21 март 2024 година во просториите на Македонска Банкарска Асоцијација. Натпреварите се реализираа за време на Европската недела на пари, под мотото „Заштитете ги вашите пари – обезбедете ја вашата иднина!”.

СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци зема учество со 15 тимови или вкупно 30 ученици, со 5 наставници-ментори. Како координатори на натпреварот „Европски квиз на пари”  при Гимназијата се Лоска Давчева, професор по економски предмети и Благородна Лазова, професор по информатика.

Нашето училиште, со тимот составен од: Лара Росоманска и Елена Ризова, ученички во I-4 клас, под менторство на Лоска Давчева, професор по економски предмети, освои 3 (трето) место на овој Национален натпревар. Горди сме како училиште  на освоеното 3 место и на постигнатиот успех на сите наши ученици и нивните ментори.

Финансиската писменост е неопходна за секој поединец, за истиот да си го олесни животот и побрзо да напредува на лично и професионално поле. Во таа насока, шеста година по ред, Македонската Банкарска Асоцијација во соработка со Народна банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност, го организираше Националниот натпревар „Европски квиз на пари”, што е проект на Европска банкарска федерација, а на кој право на учество имаат ученици на возраст од 13 години до 15 години, од 30 европски земји. Младите се иднината на една земја, парите се неизоставен дел од животот, па затоа неопходно е да се инвестира во финансиска писменост на младите!

Вложувањето во знаење и образование е невидлива инвестиција, но најзначајна за животот! Стекнатото знаењето ги проширува хоризонтите, го облагородува животот, ја прави иднината посигурна…  Во современи услови на живеење и стопанисување, економската и финансиската писменост, како дел од вкупното образование и писменост на луѓето, а пред сè, на младите, се од големо значење за подобрување на нивниот живот и стандард. Во таа насока, горенаведените финансиски институции сакаат, кај учениците во основно и средно образование, да поттикнат интерес за економската проблематика преку согледување на значењето на многу економски категории: пари, банки, инвестиции, акции, обврзници, дивиденда, камата, кредит, депозити,  пензиско осигурување, кредитни и дебитни картички, девизи, инфлација, дефлација, ризик… А, сето тоа во насока на обезбедување финансиската благосостојба на секој поединец. Паметното планирање и користење на ресурсите, меѓу кои се и финансиските ресурси, е особено значајно во денешно време. Заштитувајќи ги парите преку рационални вложувања, орочувања на истите или преку инвестирање во хартии од вредност, практично, се зголемува нивната вредност, се добиваат повеќе пари. А, тоа значи посигурна иднина. Затоа, економската и финансиската писменост, секој поединец, ќе го научи како да ги заштити неговите пари, а со тоа да си го олесни животот, сега и во иднина. Значи, преку планирање на парите (сопствениот буџет), младиот човек си ја обезбедува иднината. Сите рационални одлуки денес, се рационални решенија за утре.

Врската помеѓу образованието и финансиите е нераскинлива и правопропорционална, а тоа значи дека оној кој сега вложува повеќе во своето знаење и образование, се очекува во иднина да биде и побогат!

Со учеството на натпреварот „Европски квиз на пари”, учениците стекнуваат основни знаења од економската проблематика, чиј неизоставен дел се парите (финансиите). Се стекнуваат со финансиска писменост! Учат да ги планираат и користат парите паметно! Учат, за да си обезбедат финансиски стабилна иднина. Затоа, ги поттикнуваме учениците да инвестираат во нивното знаење, за да знаат плански да ги користат нивните пари и да си обезбедат сигурна иднина!

Текстот го напиша,

Лоска Давчева, професор по економски предмети