Национален натпревар „Европски квиз на пари” за 2023 година

Националниот натпревар „Европски квиз на пари” се одржа на 20 март 2023 година, онлајн, преку апликацијата Kahoot, за време на Глобалната/Европската недела на пари, под мотото „Планирајте си ги парите, засадете ја иднината“ (Plan your money, plant your future). На истиот, учество зедоа 84 основни и средни училишта од Република Северна Македонија, со 115 наставници – ментори.

СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци зеде учество со 6 тима или вкупно 12 ученици од I (прва) година: Ана Лазароска, Ана Марија Димова, Викторија Василова, Елена Честојнова, Благица Ангелова, Алина Муратова, Сандра Кадиова, Зорица Настева, Николинка Гинова,  Мануела Тасева, Олгица Стефановска и Ивона Спанџова, и 4 професори-ментори: Лоска Давчева,  Благородна Лазова, Костадинчо Петров и Васка Петкова. Како координатори на натпреварот „Европски квиз на пари” при Гимназијата се: Лоска Давчева, професор по економски предмети и Благородна Лазова, професор по информатика.

Финансиската писменост е неопходна за секој поединец, за истиот да си го олесни животот и побрзо да напредува на лично и професионално поле. Во таа насока, петта година по ред, Македонската Банкарска Асоцијација во соработка Народна банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност, го организираше Националниот натпревар „Европски квиз на пари”, што е проект на Европска банкарска федерација, а на кој право на учество имаат ученици на возраст од 13 години до 15 години, од 30 европски земји. Младите се иднината на една земја, парите се неизоставен дел од животот, па затоа неопходно е да се инвестира во финансиска писменост на младите!

Вложувањето во знаење и образование е невидлива инвестиција, но најзначајна за животот! Стекнатото знаењето ги проширува хоризонтите, го облагородува животот, ја прави иднината посигурна…  Во современи услови на живеење и стопанисување, економската и финансиската писменост, како дел од вкупното образование и писменост на луѓето, а пред сè, на младите, се од големо значење за подобрување на нивниот живот и стандард. Во таа насока, горенаведените финансиски институции сакаат, кај учениците во основно и средно образование, да поттикнат интерес за економската проблематика преку согледување на значењето на многу економски категории: пари, банки, инвестиции, акции, обврзници, дивиденда, камата, кредит, депозити,  пензиско осигурување, кредитни и дебитни картички, девизи, инфлација, дефлација, ризик… А, сето тоа во насока на обезбедување на финансиската благосостојба на секој поединец. Паметното планирање и користење на ресурсите, меѓу кои се и финансиските ресурси, е особено значајно во денешно време; економијата отсекогаш учи дека ресурсите се ограничени, а потребите – неограничени. Затоа, економската и финансиската писменост, секој поединец, ќе го научи како со ограничени ресурси, да задоволи неограничени потреби и со тоа да си го олесни животот, сега и во иднина. Значи, преку планирање на парите (сопствениот буџет), младиот човек може да ја „засади” неговата иднината. Сите рационални одлуки денес, се рационални решенија за иднината. Основен извор на инвестиции се заштедите, па затоа преку правилно планирање на паричните текови, во иднина може да се размислува за инвестиции.

 Со учеството на натпреварот „Европски квиз на пари”, учениците стекнуваат основни знаења од економската проблематика, чиј неизоставен дел се парите (финансиите). Се стекнуваат со финансиска писменост! Учат да ги планираат и користат парите паметно! Учат, за да си „засадат” финансиски стабилна иднина. Врската помеѓу образованието и финансиите е нераскинлива и правопропорционална, а тоа значи дека оној кој сега вложува повеќе во своето знаење и образование, се очекува во иднина да биде и побогат!

Затоа, ги поттикнуваме учениците да инвестираат во нивното знаење, за да знаат да ги планираат нивните пари и да си обезбедат сигурна иднина!

Текстот го напиша,

Лоска Давчева, професор по економски предмети