Образовна манифестација „Образовно рандеву 2024” и освоени награди


Објавено на: 27.06.2024

„Образовно рандеву” е образовна манифестација со натпреварувачки карактер, организирана од МАССУМ (Младинска асоцијација на средни стручни училишта), Министерството за образование и наука и УСАИД, наменета за учениците од средните стручни училишта во Република Северна Македонија. Истата, е значаен средношколски  настан вo нашата држава,  на која голем  број  ученици се натпреваруваат во различни категории, поврзани со нивниот кариерен развоj, лидерство, јакнење на спортскиот дух, развивање комуникациски вештини и стекнувањето лични компетенции што ќе им бидат потребни во иднина за учество на пазарот на трудот.

Оваа година, образовната манифестацијата „Образовно рандеву”, се одржа на 10 и 11 мај 2024 година во СОУ „Коста Сусинов” – Радовиш, а на која СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци, преку учениците од економско-правна и трговската струка, учествуваше и освои награди.

Учениците се закитија со награди, во две категории. Имено, во категоријата „Најдобар филм”, за филм од жанрот: експериментален, под име „Роза на асфалтот”, учениците: Стојанов Ристе, Стојков Александар,  Трпевска Вања, Трајков Васил и Тодоров Димитри, чиј ментор беше професорката Петкова Васка, освоија I (прво) место. Филмот го доби максималниот можен број на бодови од жири-комисијата.

Во категоријата „Најдобар бенд и соло изведувач”, ученичката Трајкова Моника, чиј ментор беше професорот Вељковиќ Драган, освои II (второ) место.

Во категоријата „Интервју за работа на македонски јазик” (во конкуренција на 18 училишта), ученичката Кадиова Сандра, под менторство на професорката Иванова Душанка, освои 4 (четврто) место, а во категоријата „Маркетинг план” (во конкуренција на 21 училиште), учениците Гинова Николинка, Камчев Благој, Николов Трајче и Темкова Марија, под менторство на професорката Давчева Лоска, освоија 4 (четврто) место. Во категоријата  „Најдобра видео реклама”, учениците: Мојсов Трајче, Петров Тоше, Василов Трајче и Ласков Лазар, под менторство на професорката Лазова Благородна, со својата изработка се пласираа во „Топ 10 видео реклами”, а потоа на петто место.

Во сите останати категории во кои се натпреваруваа, учениците остварија солидни резултати и покажаа знаење, креативност, самодоверба, самоиницијативност, лидерски  способности, организациски  и  комуникациски вештини, спортски дух… Им честитаме на учениците и менторите, и ги охрабруваме да продолжат да чекорат по патот на успехот!    

Давчева Лоска, професор по економски предмети