Одбележан националниот ден за чистење


Објавено на: 09.10.2012

На 06.10.2012 година (сабота) учениците од Гимназијата и членовите на Еко-одборот го одбележаа Националниот ден за чистење.

Оваа иницијатива е организирана и поддржана од граѓанската асоцијација за чиста животна средина „Ајде Македонија!“ , здружението ОХО и Владата на Р.Македонија.

PA060191

 

 

Целта на акцијата е да се поттикне активирање на јавноста на Република Македонија за лоцирање и чистење на расфрланиот комунален отпад, едукација за правилното отстранување, како и за штетите предизвикани од непланското фрлање на отпадот. Крајната цел е да се пронајдат одржливи решенија за придонесување кон чиста и здрава животна средина. Проектот вклучува комбинација на акции за лоцирање на отпадните микро-точки, акции за чистење на околината и образовни програми за развој на свеста за позитивните практики на управување со разни видови отпад.

PA060193

Овие акции се почеток на кампањата за расчистување на дивите депонии „Македонија без отпад 2012“, со која Македонија се вклучува во светската акција за чистење на отпадот Let’s Do It! World 2012.

Најпрво, на учениците им беа кажани сите потребни инструкции и безбедносни упатства за денот на акцијата. Потоа, следуваше поделба на активности и реализација на акцијата.

PA060200

По претходно направен акционен план, проф. по биологија Богде Коцева, проф. по биологија Елизабета Иговска, проф. по хемија Магдалена Убавкова и училиштниот педагог Јасминка Ризова заедно со учениците го исчистија училиштниот двор и спортските терени од отпадот. Сите ученици носеа заштитни ракавици, имаа алати за работа, а целиот собран отпад беше ставен во вреќи за ѓубре. Се сметија фудбалското и кошаркарското игралиште, се собра отпадот од спортските трибини, се исчисти и смети дворот од кај учениците, се собраа старите и исушени лисја, се исчисти делот наменет за еко-двор и дворот од кај главниот влез во училиштето сé до раскрсницата од улица „Гоце Делчев“.

PA060226

Покрај чистењето и собирањето отпад, на учениците од страна на наставниците им беа кажани и некои правила за одржување здрава и чиста животна средина.

Се надеваме дека оваа акција беше успешно спроведена и реализирана во сите градови и села во Р.Македонија, а гимназијата и понатаму ќе ги поддржува и ќе се вклучува во вакви и слични акции. Сметаме дека, со ова максимално ќе се подигне нивото за заштита и чување на чиста и здрава животна средина.

PA060234

Плакат од овој настан можете да погледнете тука