Одбележан патрониот празник на Гимназијата и пуштени во употреба новоизградените училници
Објавено на: 17.11.2016
Со положување на цвеќе пред бистата на патронот Добри Даскалов и свеченост во фоајето на Гимназијата се одбележа патрониот празник на училиштето. На почеток присутните гости ги поздрави директорката на Гимназијата г-ѓа Невенка Поп-Ангелова која се заблагодари за изградбата на училниците и нагласи дека најисплатливите инвестиции се секогаш во поквалитетно образование и подобри услови за реализирање на наставата.
Градоначалникот Александар Панов говореше пред присутните за инвестирањето во училиштето во кое учат околу деветстотини ученици кои ги освојуваат највисоките награди на државни и меѓународни натпревари и се вистиниски репрезенти на градот и државата. Програмата беше збогатена со неколку композиции од училишниот хор и оркестар, а потоа свечено беа пуштени во употреба новоизградените училници и отворена лигата на класно првенство во фудбал. Вработените и учениците се посебно благодарни што добија во функција уште осум училници кои со помош на бизнис секторот во градот ќе бидат целосно опремени во современа средина за учење, но и горди што се дел од ова училиште кое е едно од најдобрите во државата.