Почитувај ги правилата, почитувај го животот!
Објавено на: 09.10.2014
Да се подигне нивото на безбедност на учесниците во сообраќајот е главната цел на превентивната кампања на Владата на Република Македонија „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“.
На 25.09.2014 година во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ беше организиран превентивно-сообраќаен час за околу 50 гимназијалци од страна на инспекторите за превенција, сообраќајната полиција при МВР и Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај.
На оваа превентивна едукација на младите белег им даде присуството на министерката за внатрешни работи на Р.Македонија, г-ѓа Гордана Јанкулоска, која истакна дека целосно ги поддржува овие кампањи затоа што секој живот е скапоцен и треба да се подигне свеста кај младите луѓе за заштита на својот, но и на туѓиот живот.
Ништо не е побрзо и ништо не е повредно од животот е главната порака која ја примија учениците. Јасно се потенцира дека човечкиот живот не е само број, дека секој човек вреди да живее.
Учениците се едуцираа како безбедно да управуваат со моторцикл, кои заштитни средства и опрема мора да ги користат и колкави штети може да предизвика управувањето на возило под дејство на алкохол. На спортскиот терен на училиштето учениците се запознаа со возилата и опремата со кои располага полициското одделение за безбедност на патиштата од Кавадарци, радарот со кој се мери брзината и уредот за алкотест.
Акцентот беше ставен на носење на заштитна кацига при управување со моторцикл, претставувајќи што се случува во случај на незгода. Примерите треба да ги насочат младите учесници во сообраќајот секогаш кога се на својот моторцикл прво да ја стават заштитната опрема за да го заштитат сопствениот живот.
Едукативниот час продолжи во кино-салата на училиштето каде присутните ги поздрави директорката на гимназијата г-ѓа Невенка Поп-Ангелова. Директорката ја поздрави министерката Јанкулоска и истакна дека посебна чест за неа и училиштето е што овој сообраќаен час се одржа во гимназијата.Уште еднаш ја потенцира мисијата на сите присутни дека кога се работи и се воспитуваат млади луѓе секогаш треба да се потсетуваат, да се едуцираат за вредноста на животот, затоа што безбедноста е секогаш на прво место.Почитувајќи ги правилата , тие всушност го почитуваат животот.
Дел од учениците преку специјални наочари кои симулираат присуство на алкохол и психотропни суптанци можеа да видат каква е состојбата на возачот кога е под дејство на алкохол за разлика од чувството кое го има кога управува без нивно присуство.
Учениците беа презадоволни од едукативниот час, ја сфатија пораката, а нивна задача и мисија ќе биде да ја пренесат на своите соученици, пријатели, другари, родители.Затоа што човечкиот живот нема цена, а со почитувањата на правилата си ја обезбедуваат сопствената иднина.