Посета на претставници на СОУ „Наум Наумовски-Борче“ Крушево во Гимназијата


Објавено на: 29.05.2010

Месец мај, месецот на матурантите, во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ беше и во знакот на меѓуучилишната соработка. На 27 и 28 мај во нашиот град престојуваа претставници на СОУ „Наум Наумовски –Борче“ од Крушево, кои реализираа возвратна посета по нашето престојување во Крушево.

На гости ни дојдоа ученичките кои во своите домови ги примија учениците од нашата гимназија: Емилија Смилеска, Емилија Апостолска, Јована Маркоска, Марија Трајчулеска Марија Тасеска, Марија Петроска, Добрила Стабеска, Елена Младеноска, Вики Соколоска и Елена Грца придружувани од директорката на СОУ „Наум Наумовски–Борче“ – Билјана Проеска, психологот Радмила Папакоча и професорката по географија Снежана Миленковска. 

Krusevo29.05_1
Посетата беше организирана со цел зацврснување на партнерските односи меѓу училиштата, ширење и продлабочување на стекнатите пријателства помеѓу учениците и вработените, размена на наставно искуство како и подобро запознавање на нашето училиште и град Кавадарци. Програмата на активности ја подготви раководниот и стручниот тим на кавадаречката гимназија, а во нејзината реализација се вклучија и останати професори и други соработници и пријатели на училиштето.

Krusevo29.05_2
Гостите кои пристигнаа на 27 мај најпрво ги поздрави директорката на училиштето Невенка Поп-Ангелова која им посака срдечно добредојде и пријатни доживувања во нашето училиште и град. Учениците од Кавадарци и Крушево имаа разговор за новините по последното видување, а го разгледаа и училиштето при што се запознаа со просторот и условите за работа во нашата Гимназија. Потоа заминаа во домовите на учениците –домаќини да се одморат од патувањето. 

Krusevo29.05_3    
Гостите имаа можност да се запознаат со позначајните места во Кавадарци и беа воодушевени од убавините на градот сместен во срцето на Тиквешијата. Пред вечерашното излегување заедно со домаќините ги посетија: Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ (оваа година Кавадарци е прогласен за град на културата), Музеј Галеријата, градскиот парк, историскиот споменик –Костурница, а се прошетаа и по новоизградениот кеј на реката Луда Мара. 

Krusevo29.05_4
Вториот ден – 28 мај започна со присуство на учениците од Крушево на четири часа во нашата гимназија во паралелката на ученикот-домаќин. Потоа следуваше организирана посета на споменикот и излетничкото место „12 Младинци“ а историчарот Ристо Трајков ни ја раскажа сторијата за стрелањето на 12-те ваташки младинци. Следно на агендата беше посетата на манастирот „Св.Никола“ каде што отецот Борче Богоески ни даде информации за настанувањето и постоењето на манастирот. Овде беше организирана и дискусија за впечатоците на учениците од посетата на Кавадарци/Крушево.

Krusevo29.05_5
Се надеваме дека нашите гости понесоа пријатни искуства од нашето училиште и нашиот град. Се разделивме со ветување дека повторно ќе се видиме и дружиме, а дотогаш ќе бидеме во постојан контакт- e-mail, facebook, телефонски разговори… 


Соработката и пријателството продолжува!!!