На 27.09.2013 година СОУ „Наум Наумоски-Борче“ со културно-уметничка програма како завршна манифестација го прослави патрониот празник на училиштето. Делегација од нашето училиште, предводена од директорката Невенка Поп-Ангелова, го посети збратименото училиште во Крушево.
Убавиот пречек и топлото добредојде за колегите од збратимените училишта од Кавадарци, Скопје, Велес и Гевгелија беа вовед во програмата подготвена од страна на учениците и нивните ментори. Училишниот бенд, кој претставува гордост на крушевчани, неколку пати успешно се претстави пред публиката. Учениците од драмската секција изведоа кратка драматизација за македонските преродбеници Григор Прличев, Марко Цепенков и Константин Миладинов. Учениците од рецитаторската секција ја збогатија програмата со соодветна рецитација на стихови од народната литература. Беа поделени наградите од литературниот конкурс „Кога јазикот е побрз од умот, зборот е смртоносен куршум” и наградите за учесниците на државниот натпревар од угостителско-туристичката струка кој се одржал претходниот ден.
Крајот на прославата го одбележа положувањето на свежо цвеќе пред споменикот на Наум Наумоски-Борче и коктелот во училишниот ресторан. Разменетите искуства на културен план уште повеќе ја продлабочија искрената соработка меѓу двете училишта.