Престојот во Шведска ги прошири нашите видици и станавме побогати со нови доживувања и знаења
Објавено на: 06.10.2015
Успешната соработка со училиштето „Курт Николин“ од Финспанг, Шведска и нашата гимназија продолжи и оваа година со започнување на нов проект кој се прецизира на работен состанок во Финспанг, Шведска каде директорката на гимназијата г-ѓа Невенка Поп-Ангелова и директорот Anders Södergren официјално потпишаа меморандум за билатерална соработка.
Во периодот од 28 септември до 2 октомври 2015 год. во градот Норчопинг во Шведска престојуваа и ученици од нашата гимназија.
Позитивна атмосфера, возбуда, еуфорија, се почувствува уште на самото тргнувањево раните утрински часови на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје. За повеќето ученици ова беше прв лет, ново искуство, а за неполни три часа веќе стигнавме до нашата цел. Уште пред слетувањето, бевме воодушевени од глетката на пространи зелени површини, прошарени со многу вода, на која како во огледало се прекршуваа сончевите зраци.
Шведска ни посака топло добредојде.
Учениците и вработените во „Курт Николин“ срдечно не пречекаа и секој момент го исполнија да ни претстават нешто нивно, невообичаено, автентично. Започнавме со Curling заедно со шведските ученици и со вистински натпреварувачки дух се покажавме во најдобро светло.
Го посетивме и училиштето „Курт Николин“. Бевме воодушевени од импозантната градба, а потоа и од ентериерот, но и од техничките ресурси со кои располага. Видовме услови на работа и начин на реализација на наставата кон кои сите треба да се стремиме.
Го посетивме и главниот град Стокхолм: Парламентот, Кралскиот замок, музејот Васа, музејот на Нобел. Бевме воодушевени од се она што видовме, но и благодарни на учениците и вработените од партнер училиштето што ни овозможија едно вакво задоволство.
Едукативен 3Д филм од областа на Биологијата проследивме во најголемиот центар за визуелизација во Норчопинг кој е посетен од туристи од сите земји во светот.
На крај заедничкото дружење го завршивме со куглање, но и со заедничка свечена вечера, организирана од директорот Anders Södergren.
Директорката на нашата гимназија се заблагодари за поканата и гостопримството на шведските домаќини, ги потенцираше придобивките од оваа соработка со тенденција истата да се продлабочи во насока на подобрување и имплементирање на нови методи во воспитно-образовниот процес.
Импресиите од виденото и доживеаното се посилни и трајно врежани во нашите сеќавања. Преку впечатоците ни се прошиjа сопствените видици и визии, и на тој начин станавме побогати со нови доживувања и знаења.
Повеќе фотографии во Галерија или на овој линк